top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филхармонија и „Архангел“, музичка магија која публиката бараше да трае уште… и уште…

Фузијата на рокот и класичната музика, според реакциите на присутните кои вчеравечер го исполнија Градскиот парк во Скопје, беше полн погодок, а песните на харизматичниот Ристо Вртев, фронтмен на „Архангел“, аранжирани и прилагодени за голем оркестар од страна на Емин Џијан, добија една нова димензија, која буквално ги понесе чувствата на фановите на бендот. Секоја песна беше проследена со аплауз и извици на одушевување, а публиката бараше уште…

Филхармонија, „Архангел“ и Емин Џијан создадоа – музичка магија. Вака накусо може да се опише атмосферата на концертот „Филхармонија и Архангел за Скопје“ кој завчеравечер, во Градски парк, ги спои љубителите на добрата музика на едно место. Фузијата на рокот и класичната музика, според реакциите на присутните беше полн погодок, а песните на харизматичниот Ристо Вртев, фронтмен на „Архангел“, аранжирани и прилагодени за голем оркестар од страна на Емин Џијан, добија една нова димензија, која буквално ги понесе чувствата на фановите на бендот.


Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, во пресрет на овој долгоочекуван настан, диригентот и аранжер Емин Џијан кажа дека вредеше да се влезе во музичка авантура со Архангел. Оние кои завчера беа во Градскиот парк, а дојдоа во голем број, го потврдуваат тоа. Вредеше за секој миг поминат пред сцената од која час и половина можеа да се слушнат добро познатите хитови на овој култен македонски рок-бенд во едно ново руво. Солистот Ристо Вртев, заедно со Филхармонија и под диригентската палка на Емин Џијан, изведоа музика на „Архангел“ во нови аранжмани, помалку или повеќе изменети. Секоја песна беше проследена со аплауз и одушевување, а секако најголемите хитови како „Убер Македонише“, „Милион долари“, „Харт Кор“, „Луна“… не изостанаа. Присутните ги слушнаа и добро познатите нумери: „Ладно оружје“, „Сениште“, „Чудесен свет“, „Човек без име и презиме“, „Љубов или омраза“, „Небесна машина“…

„Тоа што мене ме радува и ми е особено важно е ситуацијата во која имаме македонска група, која има убави издржани песни со текстови кои публиката многу добро ги знае и сака…, кажа Емин Џијан во пресрет на настанот.

А дека публиката ги знае песните можеше да се слушне на концертот на кој можеа да се видат сите генерации како уживаат во музиката, играат и пеат заедно со Вртев. Концертот го проследија и претседателот Стево Пендаровски со сопругата, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот Љупчо Николовски…

Концертот по повод одбележувањето на 58-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес, покажа дека на публиката ѝ недостасуваат музички настани во живо и на отворено по година ипол пауза поради пандемија. Публиката бараше уште… и уште, а музичарите и Вртев им ја исполнија желбата враќајќи се двапати на бис, при што секоја нивна изведба беше проследена со громогласен аплауз.

Во музиката вчеравечер се уживаше целосно и без задршка, а во цело ова извонредно искуство кое ги понесе присутните, се подзаборавија и мерките за заштита, па малкумина носеа маски и држеа дистанца. Инаку, концертите кои Град Скопје секое лето ги организира со Филхармонија во Градскиот парк насловени „Филхармонија на отворено“, се вистинско доживување за публиката.

На нашето прашање дали може да се очекува настанот да биде репризиран, Емин Џијан ни одговори: „Засега постои желба и подготвеност од наша страна за повеќе изведби. Доколку се појави прилика, секако дека ќе има реприза“.







1 view

Comments


bottom of page