Филхармонија: Дело на Стив Рајх со прва изведба во Македонија
Oркестарот на Филхармонија oвој четврток (14 октомври), во 20 часот, ќе го изведе антологиското дело на американскиот композитор Стив Рајх – „Музика за 18 музичари“. Диригент е Паскал Галоа од Франција и ова ќе биде прва изведба на оваа композиција во Македонија.
„Најпопуларното, ако не и најважното, музичко дело на Рајх е композицијата ‘Музика за 18 музичари’. Пишувано во духот на музичкиот минимализам, ова дело е создадено во седумдесеттите години на минатиот век и до ден-денес е негово најизведуваното дело. Тоа, всушност, е циклус од единаесет различни акорди, кои функционално не се поврзани и не се среќаваат во ниту еден традиционален тонален систем. Негова премиера се случила на 24 април 1976 година. Веднаш по првото слушање на ова дело, музичката критичка јавност била едногласна и му ја дала на делото највисоката оцена. Илјадници познати музичари, композитори и продуценти го вбројуваат Рајх со неговите дела, на чело со ‘Музика за 18 музичари’, како една од највлијателните личности во нивната кариера“, посочуваат од Филхармонија.
Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.
Comentarios