top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филхармонија во срцето

Updated: Nov 16, 2021

15.11.2021 Noemvri Ponedelnik

„Филхармонија во срцето“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток во 20 часот, на кој ќе свири Камерниот оркестар на Филхармонија. Диригент е Дијана Имери Илкоска, а како солисти ќе настапат Елена Дојчинова (флејта) и Владимир Лазаревски (обоа).

Со овој концерт Филхармонија на РСМ се вклучува во чествувањето на два значајни јубилеи – 180 години од раѓањето на чешкиот композитор Антонин Дворжак и 160 години од раѓањето на рускиот композитор Антон Аренски. На програмата се „Варијации на тема од Чајковски“ од Аренски, „Серенада“ од Дворжак и „Класична суита“ за камерен оркестар, флејта и обоа од македонскиот композитор Томислав Зографски.

Рускиот композитор Антон Аренски (1861-1906) „Варијациите на тема од Чајковски“ ги напишал во 1864 година и тие претставуваат емотивна посвета на Петар И.Чајковски. Првобитно напишани за гудачки квартет, „Варијации на тема од Чајковски“ по премиерата доживеале исклучителен успех, и Аренски ги адаптирал за гудачки оркестар. Од тогаш се изведуваат многу често на концертните подиуми и важат за негово најпознато дело. Варијациите се во корелација со целокупниот творечки импулс, препознатлив за романтичарска музичка мисла на Антон Аренски. По претставувањето на темата следуваат седум варијации и кода кои ја обработуваат главната музичка идеја на разновиден начин, преку мотивски поигрувања, ритмички и динамички контрасти. Делото целосно го одразува духот на музиката од Чајковски, тоа е рефлексија на нејзината есенција, спакувана во авторските контури на Аренски.

Томислав Зографски (1934 – 2000) е македонски композитор и еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика во втората половина на 20 век. Тој е претставник на генерација македонски музички творци кои уште во шеесеттите годиниод минатиот век домашните музички вредности ги доближија до главните светски струења. Прв во македонската музика внесува елементи на музичкиот неокласицизам, а извор за неговата творечка инспирација претставува македонската световна и духовна музичка традиција. Неговиот интерес кон неокласицизмот е сублимиран и во неговата Класична суита за флејта, обоа и гудачки оркестар опус 20 напишана во 1957 година. Првпат била изведена во 1957 година од Камерниот оркестар на Скопската филхармонија. Диригирал Тодор Скаловски, а како солисти настапиле Киро Божиновски (флејта) и Киро Давидовски (обоа). Освен на домашните концертни подиуми ова дело на Зографски е изведено и во Русија, Литванија, Белорусија, Мексико, Грција, Финска, Шведска, Франција, Јужна Америка…

За чешкиот композитор Антонин Дворжак, 1875 година била среќна и продуктивна. Австриската влада го наградила со годишен паричен надоместок, и брзо напредувал со финиширањето на неколку композиции. Во март 1875 година го завршил Гудачкиот квинтет во Ге – дур, но не бил целосно задоволен од крајниот резултат. На 3 мај започнал да работи на второто дело за гудачи, „Серенада“ кое го завршил за 11 дена. Требало да биде изведено истата година во Виена, но тоа не се случило. Делото премиерно се извело во Прага во декември 1876 година. Иако дотогаш Дворжак имал напишано неколку симфонии, „Серенадата“ била прво дело кое имало голема популарност кај публиката.


Владимир Лазаревски е роден е во 1979 година. Свири обоа од својата петнаесетта година. Дипломира и магистрира во 2003 година на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“во Софија, Бугарија, во класата на проф. Георги Желјазов. Една година подоцна, заминува на двегодишна специјализација во Бостон, САД, како стипендист на музичката академија „Лонџи“ под менторство на обоистите на Бостонскиот симфонски оркестар Вејн Рејпиер и Марк Мекеван. По враќањето од САД, ја продолжува својата академска наобразба на Националната музичка академија „Панчо Владигеров“и во 2013 година станува доктор на музички науки и музичка уметност од областа на камерната музика и обоата. Лауреат е на меѓународниот музички натпревар „Алегро виво“ во Австрија (2002), како и на „Земјата и луѓето“ во Бугарија (2001). Добитник е и на државни награди за обоа и камерна музика. Вработен е како прв обоист во Македонската филхармонија, а е ангажиран и како вонреден професор на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од неговото формирање во 2007 година. Исто така, член е на камерниот квартет „Мјузик прогресив“, на ансамбалот за современа музика „Контемпора“ и симфонискиот оркестар за филмска музика Ф.А.М.Е.’С. Свири на сопствена обоа „Лаубин“, изработена од ружино дрво од легендарниот американски мајстор за обои Пол Лаубин.

Владимир Лазаревски

Елена Дојчинова е вработена како прва флејта во оркестарот на Македонската филхармонија. Со својот лиричен израз и виртуозност се вбројува меѓу најталентираните флејтисти во нашата држава. Родена е во Кочани каде што го завршува основното музичко образование кај проф. Елена Мирасчиева. Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ ,,Илија Николовски-Луј“ во Скопје во класата на проф. Радмила Попоска, а дипломира во 2014 година во класата на проф. Страшо Темков на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во текот на своето образование, посетува бројни семинари и работилници кај истакнати флејтисти, меѓу кои е значајна соработката во последните неколку години со истакнатиот флејтист од Бугарија проф. Георги Спасов. Досега се стекнала со бројни награди и признанија во земјава и во странство. Освен како дел од оркестар, активно е присутна на македонската музичка сцена и како солист и камерен музичар. Соработката со НУ Македонска филхармонија започнува во 2013 година,каде што настапува заедно со врвни музички имиња на диригенти и солисти од светски ранг.

Елена-Дојчинова

Дијана Имери Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за Музичка Уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на Маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско Лето со Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки кој упати бројни пофалби за младата диригентка. Како студент ја остварува својата прва соработка со Македонската Филхармонија. Носител на бројни награди во повеќе дисциплини, Имери Илкоска ја продолжува соработката со Македонската Филхармонија, Оркестарот на Македонската Опера и Балет, Бугарскиот Национален Радио Симфониски Оркестар и Хор, Дубровачкиот Симфониски Оркестар. Остварува соработка со бројни солисти меѓу кои Дино Имери, Бојан Илкоски, Ивана Коцевска, Роланд Сентпали (Унгарија) и интернационалниот Дувачки Камерен Оркестар. Асистира на реномираните диригенти Маестро Јерухам Шаровски (Израел), како и Маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија) кој за неа ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“




4 views

Comentários


bottom of page