Филмскиот фестивал за млади „Џифони патува“ во Неготино
На 15 и 16 декември ќе се одржи фестивалот за млади „Џифони патува“ во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино и на него ќе учествуваат учениците од гимназијата.
Фестивалот ќе го отвори Градоначалникот на општина Неготино Горан Стојанов, а потоа младите ќе се запознаат со мисијата на фестивалот „Џифони Македонија“ и во текот на двата дена ќе гледаат европски филмови со теми што ја засегаат младата генерација. Филмските проекции ќе бидат проследени со дискусии, а потоа на една од трите понудени креативни работилници, младите ќе ја поттикнуваат својата креативност и ќе се забавуваат.
Неготино е дваесет и четвртата општина каде под името „Џифони патува“ се одржува овој подвижен фестивал како продолжение на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ со својата мисија за ширење на филмската писменост и култура и кој влијае на неформалното образование на младите и низ помалите градови во нашата земја.
Проектот „Џифони патува“ (Giffoni on Tour) е поддржан од Агенцијата за филм, Делегацијата на ЕУ во Скопје и општина Неготино, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.
Comments