Филмскиот композитор Олафур Арналдс лауреат на 7. Скопје синема сити
Исландскиот филмски композитор Олафур Арналдс е лауреат на седмото издание на Фестивалот за музички документарни филмови „Скопје синема сити“, кој ќе започне на 18 септември во дворот на Кинотека, со почеток во 19 часот.
Фестивалот ќе се отвори со филмот „Кога ќе се родиме“ во режија на Винсент Мун, за Олафур Арналдс, којшто е воедно и „Артист во фокусот“. Досега оваа награда ја имаат добиено Дејвид Боуви (2015), Леонард Коен (2016), Руичи Сакамото (2018), Филип Глас (2019), Влатко Стефановски (2019) и New Order (2020). Арналдс е еден од најпопуларните млади современи композитори на класична и филмска музика со импозантен опус. Филмот, пак, е уметничко дело којшто раскажува една човечка приказна што се базира врз животот на Арналдс.
Снимен на локации во Исланд летото 2020, филмот истражува теми како ритуали, односи и нашите внатрешни пејзажи преку музиката на последниот албум на Олафур „Some Kind of Peace“, која е изведена и снимена на сетот. Како и албумот, така и филмот се фокусира врз тоа како сите се движиме напред во животот – тема која е особено важна во период на изолација и исклучување од светот. Вториот филм што ќе биде прикажан е биографскиот филм за легендарниот џез-уметник Мајлс Дејвис “Birth of the Cool“, во режија на Стенли Нелсон. Оваа година се навршуваат 30 години од смртта на овој уметник чие име е синоним за џез-музиката.
Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на Македонија, Гете Институтот и фондацијата „Милан Младеновиќ“. Фестивалот ќе се организира во два дела, 18-19 септември и 20-21 септември. Сите проекции се во 19 часот и билетите ќе можат да се набават само на касата.
Comments