Филмски фестивал „Богородичен Покров“: Документарен филм „Заштитник-Свети Нектариј Битолски“
- Aleksandar Santovski
- Dec 17, 2021
- 1 min read
17.12.2021 Dekemvri Petok
По повод празникот на „Свети Нектариј Битолски“, вечерва во 21 часот, се прикажува филмот од фестивалската архива на „Богородичен Покров“.
Прв документарен филм за животот и делото на Свети Нектариј Битолски, кој раскажува за местото каде што тој се родил, скитот во кој што се подвизувал и за возобнувањето на неговиот култ во Битола.
Реализиран е со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски г.Петар.
Филмот го прикажува животниот пат на македонскиот светител од 15-ти век преподобниот Нектариј, кој уште како дете заминал од Битола и своето светителско достоинство го добил далеку од своето родно место, на Света Гора. Проектот бил поддржан од општина Битола.
Филмот е во режија на Благојче Божиновски, сценариото на Драги Атанасовски, во продукција на АСТРА – ВЕДА Македонија.
Во вишеградскиот дел од програмата на шестиот меѓународен филмски фестивал за културно, духовно, историско наследство и духовни вредности – „Богородичен Покров“, што се одржува онлајн од 11 до 26-ти месецов во Скопје, може да се погледнат играни и документарни филмови од Чешка, Словачка, Унгарија, Србија и Македонија.
Годинава фестивалот е спонзориран од Вишеградскиот фонд. Проектот е кофинансиран од владите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка преку вишеградски грантови од меѓународниот Вишеградски фонд. Мисијата на фондот е да ги унапреди идеите за одржлива регионална соработка во Централна Европа.
Во програмата на фестивалот се прикажуваат документарни и играни филмови посветени на културното, духовно наследство и хуманоста, како и историски и биографски филмови. Вкупно ќе бидат прикажани 20 филмови и ТВ програми од Македонија, Русија, Србија, Чешка и Словачка, Унгарија, Романија и Франција. Сите се преведени на македонски јазик, поголем број и на англиски, а дел од програмата е и на српски јазик. Филмските проекции се бесплатни.

Comments