Филмот „М“ на Вардан Тозија од утре пред домашната публика, почнува киноприкажување во Скопје и низ
Филмот „М“ на Вардан Тозија од утре пред домашната публика, почнува киноприкажување во Скопје и низ МакедонијаПриказната на „М“ го следи осумгодишниот Марко, кој живее во својата шума заштитен од својот посесивен татко, не знаејќи за опасностите што демнат надвор од границите на тој свет опустошен од смртоносна пандемија. Осамен и заглавен во овој затворен и „маѓепсан круг“, тој наеднаш открива едно момче со Даунов синдром по име Мико, кое живее на работ од шумата. Мислата дека не знае што се случило со неговата мајка и сознанието дека неговиот татко ја убива мајката на Мико, го тераат Марко, заедно со својот нов пријател, да избега од шумата…
Филмот „М“ на Вардан Тозија, дистописка приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, ќе го има своето премиерно киноприкажување на 5 октомври, во киното „Синеплекс“. По проекцијата, публиката ќе може да го види филмот во киносалите во Скопје и во останатите градови низ Македонија.
Македонската премиера на „М“ се случи на отворањето на годинашниот 22. Меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“ во јули, во паркот на Младинскиот културен центар.
Приказната го следи осумгодишниот Марко, кој живее во својата шума заштитен од својот посесивен татко, не знаејќи за опасностите што демнат надвор од границите на тој свет опустошен од смртоносна пандемија. Осамен и заглавен во овој затворен и „маѓепсан круг“, тој наеднаш открива едно момче со Даунов синдром по име Мико, кое живее на работ од шумата. Мислата дека не знае што се случило со неговата мајка и сознанието дека неговиот татко ја убива мајката на Мико, го тераат Марко, заедно со својот нов пријател, да избега од шумата. Но, дали светот надвор од шумата е подобар, поубав, поправеден и дали има надеж Марко да ја пронајде својата мајка, својата самовила? И дали е тој различен, поспецифичен од другите?
Соочен со новата неверојатна и сурова реалност во која се наоѓа, откако е нападнат татко му од зомби, Марко ја почнува својата потрага по невозможното. На моменти застрашувачки, со хорор-елементи, „М“ го прикажува Марко како се соочува со надворешниот свет во кој луѓето стануваат зомби, во кој се убиваат невини деца, кој е поделен на посилни и на послаби банди, во безнадежен свет полн со лудило, во апокалиптичен свет на насилство, убиства, хорор. Но, Марко не ја губи надежта дека ќе ја најде својата самовила, дека ќе најде светлина на крајот од страшниот тунел. И, можеби, ја наоѓа, но облечена како војник, а не како што ја замислувал – убава и нежна.
„Не сакаме слепа надеж. Време е за будење“, вели еден од ликовите во филмот, преку кој како симболично да ја гледаме сегашноста што ја живееме.
Улогите во филмот ги толкуваат: децата Матеј Сиваков и Александар Ничовски и актерите Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ-Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јасмина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.
Режисерот Вардан Тозија посочи дека подготовките за филмот, при работата со деца, биле малку потешки, но со почетокот на снимањето, тоа исчезнало.
„Покрај посветеноста со која се впуштија во овој предизвик, Матеј и Александар донесоа на снимањето една ведрина и искреност, која се одрази на целата екипа. Тие се вистинските херои на овој филм. Матеј, како главен протагонист, на свои неполни осум години, учествуваше безмалку во сите сцени на филмот. Во тие бескрајни снимачки часови, покажа разбирање, одговорност и емпатија, кои далеку ја надминаа неговата возраст“, вели режисерот.
На сценариото, покрај режисерот, работел и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, кинематографер Владимир Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и на Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse), во соработка со францускиот копродуцент „Les Contes Modernes“.
Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје, а е поддржан од Агенцијата за филм, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) телевизија „Телма“ (Македонија). (Н.И.Т.)
Komentarze