top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филмот за принцезата од Велс – фаворит за „златниот лав“

Приказната за Дијана, принцезата од Велс, и пеколот што го преживеала поради разводот со принцот Чарлс, ќе се бори со адаптацијата на романот на Елена Феранте, „Приказна за изгубената девојка“, филмот на лауреатката Џејн Кампион од Кан и најновиот „Паралелни мајки“ на Педро Алмодовар, на филмскиот фестивал во Венеција.

Брачните проблеми на принцезата Дијана се во фокусот на филмот „Спенсер“ на Пабло Ларен, чилеански режисер познат по снимањето на филмот „Џеки“ за животот на Жаклин Оназис. Кристен Стјуарт ја толкува принцезата Дијана. Таа, како што вели, имала отворена размена со јавноста, за разлика од личноста што дотогаш ја покажуваше кралското семејство. – Отсекогаш мислев дека принцезата Дијана ни е украдена, а сега кога ја откривам нејзината приказна, таа ми е сѐ повеќе драга како лик – открива американската актерка.

Новиот филм на Педро Алмодовар „Паралелни мајки“ со Пенелопе Круз, Милена Смит и со Израел Елехалде во главните улоги, исто така, ќе биде во конкуренција за највисоката награда на фестивалот во Венеција. Оваа продукција ќе го отвори 78. Меѓународен филмски фестивал во Венеција. – Не можам да ги објаснам радоста и честа и колку ми значи ова. Како филмски режисер, јас сум роден во 1983 година во Венеција – изјави Алмодовар, кој на овој фестивал во 2019 година го доби „златниот лав“ за животно дело.

Изборот на главната програма на Венецискиот фестивал ќе вклучува значајни филмски остварувања потпишани од некои од најголемите режисери на денешницата. Пол Шредер, Ридли Скот, Мајкл Франко, Ксавиер Џаноли, браќата Де Иноченцо, Стефан Бризе и Леонардо ди Констанцо ќе ги прикажат своите филмови на 78. Мостра, што се одржува од 1 до 11 септември. Во главниот филмски избор ќе се најде и „Зајдисонце“ во режија на Мајкл Френк, кој во јавноста е познат по филмот „Хронично“ од 2015 година. Покрај него, режисерот Стефан Бризе ќе го претстави филмот „Друг свет“, Паоло Сорентино со „Божја рака“, Меги Гиленхол со „Приказна за изгубената девојка“, а победничката во Кан, Џејн Кампион, се враќа по неколку години со „Моќта на кучето“.


0 views

Comentarios


bottom of page