top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филмовите на Столе Попов во фокусот на мајската програма на Кинотека

09.05.2024 Maj Cetvrtok

На големото платно, во киносалата на Кинотеката на Македонија, месецов ќе може да се видат клучните остварувања со режисерски потпис на македонскиот филмски автор Столе Попов – документарните „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“, како и веќе антологиските играни филмови „Црвениот коњ“, „Среќна Нова 1949“, „Тетовирање“, како и македонскиот револуционерен вестерн-проект „До Балчак“

Филмовите на македонскиот филмски автор, режисер, сценарист и продуцент Столе Попов, којшто годинава ја доби наградата „Златен објектив“, ќе ја означат мајската понуда на Кинотека на Македонија. Свеченото врачување на „Златниот објектив“ ќе се одржи кон крајот на мај, во просториите на Кинотека. Како што најавуваат од оваа институција, режисерот Попов ќе биде официјално присутен на самата церемонија, а присутните филмски работници ќе бидат во можност да проследат темелна анализа и осврт за и околу неговото творештво.

На големото платно во кино салата месецов повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“, како и веќе антологиските играни филмови „Црвениот коњ“, „Среќна Нова 1949“, „Тетовирање“. Во рамките на циклусот ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект „До Балчак“, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија, Горан Стефановски.

Циклусот посветен на Попов во Кинотеката започнува на 10 мај, кога од 20 часот прво ќе се прикаже неговиот краток дванаесетминутен документарец „Оган“ (1974), филм на кој работел кинематограферот Мишо Самоиловски, и кој е добитник на главната прва награда на Фестивалот на документарен и краткометражен филм во Белград во 1974. Филмот претставува апотеоза на човековото знаење и способноста во процесот на работата да ја потчини и насочи огнената стихија. Подоцна, истата вечер, проекција ќе има на документарецот „Австралија, Австралија“ од 1976 година, кој го одразува животот на македонските иселеници и печалбари во Австралија. Тој е еден од најпрепознаените документарци во југословенската и македонска кинематографија, а во 1976 се закитува со специјалната награда од публиката на филмскиот фестивал во Тузла, БиХ. Сценариото е на Божин Павловски. „Најголемата вредност на филмот е во начинот на кој режисерот, во манир на голем документарист, го систематизира обемниот материјал и ја раскажува филмската приказна преку контрапунктирање на македонската традиција и австралиската реалност“, истакнуваат од Кинотеката.

На 11 мај, во 20 часот, пак, ќе се прикаже „Дае“ (Мајка) од 1979 година, по сценарио на Анте Поповски, документарец за ромското население во Скопје, со кој Столе Попов стана првиот македонски автор што е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонската туку и на југословенската кинематографија. Во шеснаесетминутниот филм на поетски начин се портретира животот на едни од последните Роми-номади и е снимен во автентичен амбиент на чергарска населба спроти празнувањето на најголемиот ромски празник. По „Дае“, истата вечер, публиката ќе може да го погледне играниот филм „Црвениот коњ“ од 1981 година, каде Столе Попов, покрај режијата, заедно со Ташко Георгиевски го потпишува и сценарио. Дејството на филмот се одвива од крајот на Граѓанската војна во Грција до почетокот на 1960-тите години. Во филмот се прикажува тешката судбина на Борис Тушев и неговите другари кои ја трпат тортурата на официјалната власт. Улогите во филмот ги толкуваат Велимир Бата Живојиновиќ, Јорданчо Чевревски, Илија Џувалековски.  „’Црвениот коњ’ е жесток филм за егзилот, во режија на Столе Попов… Со голема уверливост Бата Живоиновиќ игра херојски партизански борец кој обесхрабрен се откажува од сè, со цел да се врати дома, но само за да најде туѓа земја каде што повеќе не припаѓа.“ Со овие пофални зборови Линда Грос (Linda Gross), филмската критичарка на влијателниот L.A.Times го опиша токму овој филм на режисерот Попов, нè потсетуваат од Кинотеката.


Циклусот посветен на Столе Попов продолжува на 20 мај, во 20 часот кога ќе се прикаже играниот „Среќна Нова`49“ филм од 1986 година, каде што сценариото го потпишува Гордан Михиќ, а улогите ги толкуваат: Александар Ѓорчев, Мето Јовановски, Светозар Цветковиќ, Владица Милосављевиќ, Петар Арсовски, Мите Грозданов, Душко Костовски. Дејството на филмот започнува во јуни 1948 година, кога група југословенски студенти, на школување во СССР, по несогласувањата меѓу двете земји се враќаат дома. Меѓу нив се и Драгослав, неговата девојка Вера и блискиот пријател Градимир, кого раздвојувањето со СССР го доведува до низа внатрешни конфликтни ситуации, кои конечно кулминираат со чинот на неговото самоубиство на железничката станица во Суботица…На 21 мај, од 20 часот, пак, публиката ќе може да го проследи играниот филм „Џипси Меџик“ по сценарио на Владимир Блажевски од 1997 година. Улогите во филмот ги толкуваат: Предраг Мики Манојловиќ, Бајрам Северџан, Горан Додевски, Катина Иванова, Владимир Јачев, Арна Шијак, Синоличка Трпкова. Дејството во филмот е фокусирано на Таип, глава на едно повеќечлено и сиромашно ромско семејство, кој мечтае за Индија, прататковината на сите Роми. Тој случајно се запознава со индиски доктор кој е припадник на силите на УНПРОФОР и добива идеја како да заработи пари, да купи коњ и да го однесе семејството во Индија…

Филмот „До Балчак“ од 2014 година, пак, во Кинотеката ќе се прикаже на 25 мај, од 20 часот. Дејствието на филмот се случува во 1907 во Отоманска Македонија, неколку години по крваво задушеното Илинденско востаниe. „Филмот е сурова, но романтична љубовна приказна во која македонската кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од каква било идеологизација. Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во кој се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот. Антивестерн, пандан на традиционалниот Амerican Western или нешто што слободно би можеле да го наречеме Маcedonian Eastern, филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација…“, истакнуваат од Кинотеката. Филмот бил прикажан во Шведска, во рамките на „Balkan New Film Festival“, учествувал на фестивалот „Febiofest“ во Прага, а бил прикажан и во Минхен, во рамките на 10. Денови на Балканот.

Циклусот за режисерот Попов завршува со антологискиот „Тетовирање“, на 29 мај во 20 часот. Како основа за филмот од 1991 година послужил текстот на писателот Мирко Ковач, а неговата финална структура ја направиле заеднички режисерот Попов и белградскиот синеаст Живоин Павловиќ. Приказната се темели на една симпатична индивидуа која се наоѓа во затвор од апсурдни причини, а потоа умира како жртва на полициска бруталност. Улогите ги толкуваат Мето Јовановски, Лиљана Меџеши, Стојан Аранџеловиќ. „Култниот игран филм ‘Тетовирање’ е еден од најгледаните, најцитирани и највлијателни долгометражни играни филмови во поновата македонска историја. Особено се истакнува брилијантната ролја на Мето Јовановски, кој всушност за цело време стои како стожерна актерска фигура во проектот. Режисерот Попов во овој филм го остава настрана предложениот сценаристички преттекст и се обидува да направи посебна визуелна структура, каде што апсурдното ќе го најде својот изразен простор. Во ‘Тетовирање’, егзистенцијалните, односно судбинските проблеми и прашања, се судираат со проблемите на човековата вера, која не мора нужно да биде религиозен чин, и тие проблеми го доведуваат јунакот до една етичка конфронтација со себе, но и со другите“, посочуваат од Кинотеката. Инаку, Рон Холовеј (1933-2009), познат американски критичар, во еден негов осврт кон филмот, го опиша како „уште еден извонреден актерски перформанс од Мето Јовановски како ’губитникот’ Илија и еден вид навремен социокритички филмски документ што придонесува за едно демократско општество“.

Покрај филмовите на Столе Попов, во мај во Кинотеката ќе се прикажат и други македонски филмови и македонски копродукции: на 9 мај, во 20 часот – играниот „Буре барут“ од 1998 во режија на Горан Паскаљевиќ, каде сценариото за филмот е адаптација на драмскиот текст на Дејан Дуковски, потоа на 14 мај од 18 часот, кратките „Дупчачи“ и „Кој е виновен?“, во режија на Кочо Недков, „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски, „Рака“ во режија на Дарко Марковиќ, и „Влакна“ во режија на Елеонора Венинова, на 17, 27 и 28 мај (од 18 и 20 часот) документарецот „Време на бетон“ во режија на Игор Иванов и на 23 мај, од 20 часот – документарецот „Скопје 63“ во режија на Вељко Булајиќ, а по сценарио на Јован Бошковски, Матеја Матевски и Ѓорѓи Старделов. (Н.И.Т.)


0 views

Comments


bottom of page