top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Филм за Првата светска војна триумфираше на БАФТА, златни маски за Кејт Бланшет и Остин Батлер

Германскиот филм „Сè е тивко на западниот фронт“ (All Quiet on the Western Front) беше убедлив победник на 76. доделување на наградите на Британската академија за филмска и телевизиска уметност (British Academy of Film and Television Arts), познати како БАФТА, што се одржа во неделата во Кралската фестивалска сала (Royal Festival Hall) во Лондон, Англија.

Историската драма по сценарио и во режија на Едвард Бергер што ги прикажува страшните искуства и неволји на еден млад германски војник на западниот фронт за време на Првата светска војна освои седум БАФТА награди, и тоа: за најдобар филм, за режија, за најдобро адаптирано сценарио, за најдобра музика, звук, најдобра камера, како и за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

„Ние бевме благословени со толку многу номинации и победата е едноставно неверојатна“, рече продуцентот Малте Грунерт на сцената. Филмот имаше 14 БАФТА номинации.

И црната комедија за едно пријателство во граѓанската војна во Ирска „The Banshees of Inisherin“ (Духовите на островот), не помина лошо на БАФТА доделувањето освојувајќи ги признанијата за најдобар британски филм, за најдобра споредна женска и машка улога, како и за најдобро оригинално сценарио.

Сцена од филмот „Елвис“

На годинешните БАФТА со неколку награди се закити и музичкиот биографски филм „Елвис“ за животот на Кралот на рокенролот на Баз Лурман. Притоа, актерот Остин Батлер кој го толкува Елвис ја доби наградата на БАФТА за најдобра главна машка улога, а остварувањето ги освои и признанијата за најдобар кастинг, костими, како и шминка и фризура.

На церемонијата, младиот актер Батлер му се заблагодари на семејството Присли за нивната „љубов и што споделиле со него кој навистина бил Елвис“.

Остин Батлер

„Се надевам дека те направив горд. Ова ми значи многу“, рече тој.

Актерот не спомена ниту еден конкретен член на семејството по име на сцената, но зборувајќи по шоуто со медиумите рече дека „тагата е долг процес и дека неговото срце и љубов ќе бидат секогаш со семејството“. Како што е познато, Лиза Мари Присли, единственото дете на Елвис Присли, почина минатиот месец на 54-годишна возраст. Со наградата БАФТА за најдобар актер, Батлер го продолжи својот успех, по добивањето и на „Златниот глобус“ минатиот месец.

Што се однесува, пак, за филмот „Сè, насекаде, одеднаш“ (Everything Everywhere All at Once), кој има најмногу Оскар номинации, а којшто на вечерта на БАФТА доделувањето пристигна со 10 шанси за награда, го доби само признанието за најдобра монтажа.

Кејт Бланшет

Наградата БАФТА за најдобра главна женска улога, пак, ја освои Кејт Бланшет за драмата „Тар“ која ја прикажува Лидија Тар, една од најголемите живи композитори-диригенти, за најдобар документарец беше прогласен „Навални“ (Navalny), а за најдобар анимиран филм „Пинокиото на Гиљермо дел Торо“. (Н.И.Т.)





0 views

Comments


bottom of page