Фејсбук конечно со „вистинска“ поддршка за корисниците
По 18 години, компанијата „Мета“ конечно одлучи на своите корисници да им обезбеди вистинска поддршка за полесно да ги обноват избришаните профили или објави, пишува „Блумберг“.
Потпретседателот на „Мета“, Брент Харис, вели дека компанијата инвестира многу време во услугите на клиентите. Сепак, од основањето на Фејсбук, корисниците на оваа социјална мрежа навистина немаат начин директно да комуницираат со компанијата за одлуките за модерирање.
Минатата година беше лансирана програма што вклучуваше разговор во живо на англиски јазик, што всушност овозможи контакт со вработените во „Мета“. Корисниците може да добијат помош при користење нови функции или во случај нивниот профил да биде заклучен. Во тоа време, компанијата рече дека тоа е првпат Фејсбук да понуди помош во живо на луѓе чии профили се заклучени.
Вистинската човечка помош од „Мета“ би била исклучително корисна за оние што случајно ќе се најдат на погрешната страна на алатките за автоматско модерирање, особено ако се прошири на Инстаграм, Ватсап и Хоризон ВР.
„Мета“ е фокусирана на подобрување на корисничката поддршка и поради повратните информации од нејзиниот надзорен одбор. Минатата година беше формирано ова „независно“ тело за следење и менување на одлуките на компанијата. Примени се речиси милион барања на корисници поврзани со модерирање на содржината.
Comments