top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Фејсбук“ и „Гугл“ ќе постават подводен интернет-кабел долг 12.000 километри

Со цел подобрување на интернет-конекцијата и сигурноста во Азиско-пацифичкиот Регион, компаниите „Фејсбук“ и „Гугл“ заеднички ќе спроведат исклучително важен проект. Станува збор за проектот наречен „Априкот“, кој вклучува поставување подводен интернет-кабел. Оваа мрежа треба да работи до 2024 година, а нејзината задача е исто така да ја подобри врската помеѓу Азија и Северна Америка.

Освен споменатите компании, во проектот учествуваат и некои други регионални играчи. Кабелот, кој е долг 12.000 километри, ќе ги поврзе Јапонија, Тајван, Гуам, Филипините, Индонезија и Сингапур, додека во исто време ќе има конфигурација што нуди флексибилност. Кабелот ќе поддржува брзина на пренос на податоци поголеми од 190 терабајти во секунда.

Претходно, „Фејсбук“ го објави вториот проект за подводни кабли, составен од два транспацифички кабли, а тоа се Ехо и Бифрост, што ќе ги поврзе Сингапур и Северна Америка и ќе го зголеми капацитетот на сообраќајот за 70 проценти на оваа маршрута. Заедно, овие кабли ќе ја задоволат зголемената побарувачка за широкопојасен интернет, 4Г и 5Г-услуги во Азија. „Фејсбук“ соработува со „Гугл“ за кабелот Ехо, но не и за Бифрост.

Првиот подводен кабел бил поставен во 1858 година за испраќање телеграфски пораки, а за тој проект била потребна поддршка од американската и од британската влада. Меѓутоа, во последниве години, во вакви проекти беа вклучени приватни компании. „Гугл“ има мрежа од 18 подводни кабли, кои овозможуваат пристап до клауд-услугите на компанијата од каде било во светот. „Фејсбук“ неодамна објави и уште еден подводен кабел за подобрување на поврзаноста во Африка.

По проблемите предизвикани од пандемијата на коронавирусот, проектите за подводни кабли се забрзани, со 80 проценти финансирање од „Гугл“ и „Фејсбук“. Околу 98 проценти од глобалниот интернет-сообраќај се пренасочува преку подводни кабли, а колку е поголема онлајн активноста, толку е поголема потребата за побрз и постабилен интернет.


2 views

Comments


bottom of page