Фестивалот „Панфиз“ по 14. пат и со ексклузивна македонска премиера
Четиринаесеттото издание на „Панфиз и годинава ќе се одржи на отворено и тоа на платото на Македонскиот народен театар, на северозападната тераса, од 30 јуни до 2 јули. Местата ќе бидат ограничени (30), во корелација со просторот, а по препорака на Комисијата за здравство.
„Оваа година имаме ексклузивна македонска фестивалска премиера и тоа во режија и кореографија на Ирена Лозинска – претставата се вика „Четири“ и е сублимат на физички театар, буто, танц и пантомима (30 јуни, 20:45 ч). „Алисин Вондербанд“ од Србија и оваа година е на „Панфиз“, но овојпат со целодневна работилница наречена „Телото како инструмент“, која ќе биде вистинско освежување за млади таленти, но и постари актери заинтересирани за перкусионистички елементи, пеење, ритмика и актерска игра (1 јули, 10-14 ч). Од Бугарија ни доаѓа Александар Илиев, со претставата „Комедија дел’ арте“ (1 јули, 20:30 ч), а ќе видиме и два буто перформанси, во продукција и изведба на НектанАрт Центар, Марко Стојановиќ од Србија, а тоа се претставите „Светиот Маченик“ (1 јули, 20:30 ч) и „Спајдердаст“ (2 јули, 20:30 ч). Идејата е да не застанеме и да не ја прекинеме традицијата“, велат од „Панфиз“.
Во случај на невреме претставите ќе се играат на малата сцена на МНТ. Билетите ќе бидат поделени пред претставата по принципот прв дојден прв услужен.
Comments