Фестивалот на пивото на 9, 10 и 11 август во Прилeп
26.07.2024 juli Petok
Фестивалот на пивото, под брендот „Прилеп биер фестивал“, ќе се одржи на 9, 10, 11 август во центарот на градот, со учество на повеќе пиварници и со традиционалната понуда на познатата прилепска скара. Oрганизатор е „Евент груп“, a општината е традиционален поддржувач на македонската бренд-манифестација, која низ годините рушеше рекорди во бројот на посетеност.
Дарко Крстески, како претставник на организаторите, посочува дека годинава ќе понудат богата програма со настап на значајни изведувачи меѓу кои групата „Ванг Гог“; „Амадеус бенд“, Сања Вучиќ, Наум Петрески, „Суперхикс“…
– Сѐ ќе биде максимално организирано и ќе имаме се надевам успешен фестивал. Целта е промоција на градот и на чаршијата. Наскоро ќе биде позната целата програма. Се грижиме да ги задоволиме сите музички вкусови, а ќе настапи и светски познат диџеј – вели Крстески.
Општина Прилеп, потецира градоначалникот Борче Јовчески, има предвиден буџет од еден милион денари во програмата за култура за поддршка на фестивалот.
– Во заедничка координација со организаторот со кој имаме потпишано меморандум за соработка за организација на оваа манифестација, oбезбедена е одлична музичка програма. Како градоначалник сакам да им изразам благодарност на сите пиварници, угостители и сите други компании, кои секогаш се партнери на овој фестивал, чија цел е да се подигнат и чаршијата и градот во тие неколку дена и заедно да придонесеме за локалниот економски развој. Прилеп ќе биде подготвен да ги прими и сите оние моторни возила што ќе пристигнат на фестивалските денови, и во однос на јавниот ред и мир и во однос на чистотата и во однос на хигиената на градот и во однос на водоснабдувањето, благодарение на работењето на јавните комунални претпријатија, ќе бидеме максимално подготвени – вели Јовчески, поканувајќи ги граѓаните на Македонија да дојдат на фестивалот. Ка.М.
Comentarios