top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“ – танцот на фотоните…

12.07.2024 juli Petok

Во галеријата на Факултетот за ликовна уметност, Сули-ан отворени се две авторски изложби и тоа „Форма“ на Наталија Копкина, Хелсинки, и избор на дела на Бабакк Хаџи од Техеран. Двајцата современи, алтернативни автори.  „Паралелно поставените фотографии на двата автори од навидум далечни култури и фотографски израз, поставени заедно, ни предочуваат суштински прашања за нашето поимање на нас самите“, велат од Меѓународниот фестивал за алтернативна фотографија „Зрно“

Mеѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“ годинава го има своето трето издание што се одржува под мотото „Танцот на фотоните“. Богатата и квалитетна програма и годинава вклучува повеќе изложби кои го привлекуваат вниманието на јавноста, па така вечерва (12 јули) во 20 ч. во Монтажната галерија, во Паркот на франкофонијата, е отворена авторската изложба „Еден“ на Тијана Борбељ од Нови Сад. Проектот „Еден“ го истражува концептот на рајот низ објективот на архивската фотографија и интервенциите во техниката на везење.

„Истражувањето произлегува од фасцинацијата со старите семејни албуми на германски семејства, најдени во пластични кутии на пазари на старудии или на интернет-платформи за продажба на половни работи. Размислувајќи за историјата на моето село, кое некогаш било населено со значителен број Германци, се соочувам со реалноста на нивното отсуство. Овие наоди покренуваат прашања за исчезнувањето на овие заедници и нивното локално влијание. Мојата цел е да ги истражам и откријам подлабоките слоеви на врски кои некогаш поврзуваа различни култури, додека ја барам земната Божја градина“, посочува меѓу другото Тијана Борбељ.

На 10 јули, пак, во галеријата на Факултетот за ликовна уметност, Сули-ан беа отворени две авторски изложби, и тоа „Форма“ на Наталија Копкина, Хелсинки, и избор на дела на Бабакк Хаџи од Техеран. Двајцата современи, алтернативни автори.

„Паралелно поставените фотографии на двата автора од навидум далечни култури и фотографски израз, поставени заедно, ни предочуваат суштински прашања за нашето поимање на нас самите. Изложбата ќе може да се посети до следниот петок, секој работен ден до 15 часот“, велат организаторите на фестивалот.

Сашо Алушевски, еден од организаторите на првиот алтернативен фестивал за фотографија во разговорот за весникот ВЕЧЕР, пак, во своето интервју посочи: „Одамна постои заситување од дигиталната фотографија и старите, благородни процеси земаат сè поголем замав во светот, во последно време. Дел од нас со години ‘сонуваат’ за еден фестивал, особено затоа што го негуваме тој пристап во фотографијата. Целта е да ја размрдаме домашната фотографска сцена, затоа што е заглибена во едно мочуриште од пред многу декади. Да ги донесеме светските трендови, но и да направиме еден наш тренд…“.

На 28 јуни во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ беше отворена Првата меѓународната изложба на аналогна фотографија. Делата испратени на отворен повик се избрани од деветчлено меѓународно жири и претставуваат своевиден пресек на современите текови во светската фотографија, а претставени се над дваесет автори од цел свет.

Следни настани, велат организаторите, се работилниците за благородни фотографски процеси во селото Смилево, под водство на врвни светски фотографи и се ретка можност за запознавање со фотографијата на вистински начин. Во соработка со МакеДокс и НУ Смилевски конгрес, ќе се отворат и изложби на Миша Кескеновиќ од Словенија и Фотоклубот „Ирис“ од Темишвар, а ќе има и проекција на филмот „Манаки приказна во слики“, со цел странските и домашните посетители да се запознаат со бардовите на македонската фотографија и кинематографија. (Д.Т.)


1 view

Comments


bottom of page