top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Фестивал на античка драма „Стоби“ ќе има, но не во Античкиот театар во Стоби

28.02.2022 Februari Ponedelnik

Фестивалот минатата година се одржа комбинирано, дел од претставите беа прикажани на локалитетот, но не во античкиот Римски театар, туку во Теодосијанската палата, дел во театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес, а дел на отворено, на разни локации. Археолошкиот локалитет Стоби годинава доби средства од буџетот на Министерството за култура, но не и за враќање на мермерните седишта што недостигаат и за реконструкција на просторот под нив, што е услов за безбедно одвивање на настани на овој простор

Во античкиот театар во Стоби и годинава нема да се одржуваат претстави од истоимениот Интернационален фестивал на античка драма, ниту, пак, други настани. Иако во туристичката промоција на градот и на локалитетот се споменува и одржувањето на фестивал на антички драми во извонредната и уникатна атмосфера што ја нуди овој древен простор, сепак, публиката, домашна и странска, ќе биде ускратена за ова задоволство. Имено, археолошкиот локалитет Стоби годинава доби средства од буџетот на Министерството за култура, но не и за враќање на мермерните седишта што недостигаат и за реконструкција на просторот под нив, што е услов за безбедно одвивање на настани на овој простор.

„Во театарот, нема услови да се одржуваат претстави, но надвор од овој простор, на пример во Теодосијанската палата или на други места низ Стоби, е можно. Римскиот театар, пак, е во фаза на конзервација, има порозни камења и може да се оштети, така што само би се направила дополнителна штета. Што се однесува, пак, до обезбедувањето средства за оваа намена, намерата ни е да аплицираме кај други извори, затоа што имаме готов проект. Но, треба да се најде соодветен фонд кој може да го издржи тоа бидејќи се работи за 60 милиони денари. Инаку, добивме стандардни средства за театарот, и тоа се 1,6 милиони денари за истражувања и конзервација на театарот, и тоа на просторот меѓу радијалните ѕидови“, вели за весникот ВЕЧЕР Спасе Перовски, директор на НУ „Стоби“.

Тој додава дека претставите престанале да се одржуваат во театарот во Стоби пред повеќе години по сугестија на археолозите и на конзерваторите, со оглед дека постои ризик за дополнително оштетување. Според Перовски, треба прво да се санираат и да се конзервираат седиштата, па да се размислува за одржување настани.

Инаку, Фестивалот на античка драма е атрактивна културна манифестација, а доказ за тоа се и посетеноста и исполнетоста на амфитеатарот со публика која сака да ја почувствува магијата на драмата и да ги чуе најстарите човекови мисли преточени во текст, под ноќното небо во автентичниот простор. Сепак, за разлика од пред две години, кога од Министерството за култура и од Општината немаше пари за одржување на фестивалот со традиција од речиси две децении, од театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес велат дека годинава се добиени средства во висина од еден милион денари, кои ќе бидат надополнети со финансиска поддршка од Општината.

„Годинава, Фестивалот ќе се реализира во Велешкиот театар, но сè уште немаме конкретен датум за негово одржување, бидејќи се чека да завршат одредени претстави со фазата на продукција. Од странство, имаме најави за многу интересни антички претстави и веднаш штом ќе се направат, ќе имаме и датум за реализација, но, секако, ќе биде летен период како и секоја година“, вели Сашо Димоски, директор на Велешкиот театар.

Тој посочува дека фестивалот минатата година се одржал комбинирано, дел од претставите беа прикажани на локалитетот, но не во античкиот Римски театар, туку во Теодосијанската палата, дел во театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес, а дел на отворено, на разни локации.

„Се работи за навистина значаен фестивал и во однос на средствата, имавме соработка и со неколку значајни компании и со локалната самоуправа. Ова е 19. издание во прекинатата историја на постоењето на фестивалот. Ние сакаме да зборуваме дека овој фестивал е основан во моментот кога актерите и целата екипа од Велешкиот театар отишле во Стоби да прават претстава на античкиот локалитет и, според тоа, прва претстава направена во Античкиот театар е претставата „Електра“ во режија на Стојан Стојановски, која е прва продукција во она што ние денеска го нарекуваме Интернационален фестивал на античка драма Стоби, а претставата е продуцирана во летото 1991 година. Оттогаш наваму, ансамблот на Велешкиот театар и екипата секоја година прават по една продукција на античка тема за пред 19 години да прерасне во нешто што се нарекува Интернационален фестивал на античка драма“, додава Димоски.

Инаку, сè уште не се знае дали и годинава фестивалот ќе се одржи комбинирано на локалитетот и во театарот, бидејќи, според Димоски, селекцијата е сè уште отворена и ќе зависи од претставите.

Инаку, во Стоби, кое претставува посебна атракција за посетителите од странство, се размислува и за започнување со изградба на музеј во рамките на локалитетот, а лани го посетиле над 6.000 туристи што, во споредба со 2020 година, е трипати повеќе. (Д.Т.)




3 views

Comments


bottom of page