Фергусон ја посочи првата работа која ја очекува од Тен Хаг во Јунајтед
Манчестер Јунајтед го потврди Ерик Тен Хаг како нов менаџер за наредната сезона пред дербито со Арсенал, а на Сер Алекс Фергусон му беше потребна речиси една седмица за да го прекине молкот и да излезе со прва кратка изјава за назначувањето на новиот тренер. Клубот од „Олд Трафорд“ фати комплетно погрешен правец по пензионирањето на легендарниот шкотланѓански стручњак и никој не успеа да донесе мир и спокој на театарот на соништата, па така по неуспешните етапи на Дејвид Мојс, Ван Гал, Жозе Мурињо, Оле Гунар Солскјер и Ралф Рангник, Јунајтед сега ќе биде воден од Тен Хаг. Актуелниот тренер на Ајакс важи за стратег кој сака да има целосна контрола на случувањата во првиот тим и наводно тоа бил еден од главните предуслови за да ја прифати работата, бидејќи добил гаранција дека никој нема да му се меша при носењето на најважните одлуки околу играчите, без оглед дали станува збор за спортски, или дисциплински мерки. Ралф Рангник најави дека во Јунајтед ќе следи голема револуција со промена на десетина фудбалери, а Ферги се надева дека Тен Хаг ќе воспостави контрола врз тимот подобро од неговите претходници. – Искрено се надевам дека ќе му оди добро на Тен Хаг, на клубот му е потребен човек кој ќе воспостави контрола. Се надевам дека тој ќе воспостави контрола врз тимот, – изјавил кратко Фергусон за „РТЕ“.
Comments