Фантомскиот гол на Гризман отвори голема дебата во Шпанија (Видео)
Атлетико Мадрид вчера беше на добар пат да запише уште една победа во шпанската Ла Лига, но на крајот не го издржа завршниот налет на Еспањол и мораше да се брани за да не претрпи пораз. Тимот на Чоло Симеоне имаше убедливо водство од 0:3 против Еспањол по 60 минути игра, но Еспањол потоа се врати во игра и со три гола во мрежата на гостите се погрижи за драматична завршница. Домаќините од Барселона фрлија се на една карта и по четврти погодок, но на крајот не успеаја во тоа и сега потребно ќе им биде чудо за да опстанат во Ла Лига. Ремито имаше исто значење како пораз за Еспањол, а фрустрацијата кај домаќините беше значително поголема поради моментот од крајот на првиот дел, кога голот на Антоан Гризман беше признат од ВАР. Французинот зафати една одбиена топка и ја упати кон голот, па иако линискиот судија процени дека голманот на Еспањол реагирал навреме, луѓето од ВАР сигнализираа дека топката сепак ја минала гол линијата. Шпанската Ла Лига има еден огромен минус поради тоа што нема имплементирано „Соколово око“ и технологија на гол линијата, па судиите во ВАР донесоа одлука дека е гол и покрај тоа што немаа вистински агол. Оваа ситуација отвори голема дебата во Шпанија и само покажа дека имплементацијата на технологијата е неопходна, особено откако 3Д технологијата откри дека судиите погрешиле и топката не ја миналата линијата во целост.
Comments