top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Фантастичната разновидност на европскиот и јапонскиот филм во ноември во Кинотека

Интересен за публиката ќе биде и документарецот со провокативен наслов „Канабисот ослободува“, копродукција меѓу Словенија/Македонија/Хрватска, во режија и сценарио на Миха Челар. Ова е есеј за неколкумина активисти од разни земји, кои се залагаат за легализација на канабисот. Мала ексклузива е дека во него учествува и познатиот, контроверзен музичар и инфлуенсер, Рамбо Амадеус

Ноември ќе биде Месец на европски филм во Кинотеката, која заедно со уште многу други кина, во 70 различни градови во Европа, ќе ја слави фантастичната разновидност на европскиот филм.

-Проектот „Месец на европски филм“, што ќе трае до 9 декември, е предводен од мрежата на кина „Еуропа синемас“, и има за цел низ различни европски градови и преку различни европски филмови да презентира и специјални програми, настани и ретроспективи, посочуваат од Кинотеката.

„Барам љубов“

На почеток на ноември ќе одржи и 16. издание на Неделата на јапонски филм. Годишната програма ќе обработува теми од секојдневните предизвици со кои се соочуваат претставници од различни демографски групи во јапонското општество. На 3 ноември ќе се прикаже „Барам љубов“ на режисерот Косаи Секине, следува „Долгото збогување“ на Рјота Накано (4 ноември), а на 6 ноември ќе се одржи проекцијата на филмот „Осаменото Уме дрво“ на Котаро Ваџима. На 7 ноември е „Филмските лажговци од Асахи-За“ на Јуки Танада, а на 8 ноември „Макуко“ на Кеико Цуцурока.

Овој месец, публиката ќе може да погледне и повеќе македонски филмови. Покрај останатите остварувања од домашните автори ќе биде прикажан и „Лена и Владимир“, со режисерски потпис на Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков, а главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски. Проекциите ќе бидат на 4, 16, 17, 18 и 20 ноември. Ќе може да се проследи и „Домаќинство за почетници“, новиот филмски проект на тетовецот, со долгогодишна адреса на живеење во Австралија, Горан Столевски. Филмот, исто така, ќе се прикаже во повеќе термини и тоа на 13, 25, 27, 29 и 30 ноември.

Интересен за публиката ќе биде и документарецот со провокативен наслов „Канабисот ослободува“, копродукција меѓу Словенија/Македонија/Хрватска, во режија и сценарио на Миха Челар. Ова е есеј за неколкумина активисти од разни земји, кои се залагаат за легализација на канабисот. Мала ексклузива е дека во него учествува и познатиот, контроверзен музичар и инфлуенсер, Рамбо Амадеус. Овој филм ќе се прикаже на 13, 16 и 17 ноември.

Културата на канабисот има битна улога и во веќе култното остварување на браќата Коен, „Големиот Лебовски“. Филмот ќе биде проектиран на оригинална 35 милиметарска филмска копија, а ќе може да се види на 28 ноември.

Месецов ќе го означат и шпански филмови со различно време на создавање, од различни автори, со различни естетски колорити. Притоа ќе можат да се видат филмовите „Крави“ во режија на Хулио Медем (15 ноември), „Ел Бола“ во режија на Ачеро Мањас (16 ноември), „На отворено“ во режија на Бенито Замбрано (17 ноември), „Мама полни 100“ на Карлос Саура (18 ноември), „Сино и не толку розово“ на Мигел Ферари (19 ноември) и „Јули“ на Исиар Болаин (20 ноември).

„Тело“

Следуваат неколку наслови од филмографијата на авторката на документарци, Петра Селишкар. Тие се со различни содржини, од различни жанрови, а го претставуваат светогледот на авторката. Притоа ќе се прикажат „Бабичките на револуцијата“ (24 ноември), „Мама Европа“ (25 ноември), „Мојот превртен свет“ (27 ноември) и „Тело“ (29 ноември).

Остварувањето „Се прашувам кога ќе ти недостигам“ во режија на Франческо Феи на 30 ноември во Кинотеката ќе го заокружи ноември. (Н.И.Т.)





1 view

Comments


bottom of page