Уште неформиран, новиот оркестар „на маки“: Просторот за работа ги скара џезистите и филхармоничарит
Уште неформиран, новиот оркестар „на маки“: Просторот за работа ги скара џезистите и филхармоничарите?!„Нашата индивидуална соработка со членовите на Филхармонијата е многу подолга, но со Биг бендот, конкретно во овие простории, ние работиме веќе седум години и во овој период не сме наишле на проблеми. За време на подготовките и пробите, никогаш не добивме забелешки дека овие активности на каков било начин ја попречуваат работата на Филхармонијата. Напротив, пробите се правеа тогаш кога во просториите, поточно во една просторија, немаше други активности од Оркестарот и ансамблите на Филхармонијата, или не беа користени за друг тип приватни настани“, велат од Здружението на џез-музичари од чии членови се формира новата национална установа Џез-оркестар
Неодамнешната одлука на Владата за формирање нова национална установа од областа на културата – Оркестар за џез-музика, за едни музичари беше остварување на сонот, но кај други предизвика вознемиреност?! Имено, со оваа одлука, планирано е националниот џез-оркестар да биде сместен во зградата на Филхармонијата, што, пак, беше причина за реакција на членовите на филхармонискиот оркестар, кои сметаа дека е невозможно двете установи да функционираат под ист покрив, бидејќи тоа би го попречило нивното работење. Според нив, владината одлука за вдомување на џез-оркестарот во објектот на Македонската филхармонија ќе резултира со „повеќе штета отколку полза“. Сепак, од Здружението на џез-музичари сметаат дека ваквите реакции се неосновани.
„Нашата индивидуална соработка со членовите на Филхармонијата е многу подолга, но со Биг бендот, конкретно во овие простории, ние работиме веќе седум години и во овој период не сме наишле на проблеми од каква било природа. За време на подготовките и пробите, никогаш не добивме забелешки дека овие активности на каков било начин ја попречуваат работата на Филхармонијата. Напротив, пробите се правеа тогаш кога во просториите, поточно во една просторија, немаше други активности од Оркестарот и ансамблите на Филхармонијата, или не беа користени за друг тип приватни настани“, велат од Здружението на џез-музичари чии членови ќе го сочинуваат националниот џез- оркестар.
„Најпрво, би сакале да изразиме благодарност за одлуката на Министерството и на Владата за времено сместување на Оркестарот во просториите на Филхармонијата и воедно да се заблагодариме за огромната поддршка од колегите од регионот и од целата македонска јавност. Имено, во неформални разговори со колеги и пријатели од Филхармонијата, доаѓаме до сознанија дека, можеби, целиот концепт за нашето евентуално работење во зградата на Филхармонијата е погрешно претставен, па оттаму произлегуваат и сите неосновани реакции. Тврдењата дека Оркестарот за џез-музика брои 50-60 музичари, потполно се погрешни. Секој џез-биг бенд ансамбл е составен од 17 до 20 музичари. Тврдењето дека на музичарите од Филхармонијата ќе им бидат узурпирани гримиорните е, исто така, неосновано. Можеме да гарантираме дека ова никогаш не било земено предвид, ниту, пак, некогаш ќе се случи“, велат од Здружението на џез-музичари.
Тие сметаат дека е погрешно и тврдењето на Филхармонијата дека ќе го узурпираат простор во веќе постојниот дел на административниот дел на зградата.
„Невозможно е да се случи тоа, и би ја попречило и нашата работа. Одржувањето на пробите во зградата би се реализирало исклучиво во малата или во големата сала, во термини кога овие простории се слободни. Концертите, исто така, би се случувале во денови кога Филхармонијата нема програма“, додаваат од ЗЏМ.
Тие ги даваат овие појаснувања со цел, како што велат, да помогнат во тековниот процес.
„Сакаме да ја објасниме целата ситуација, која изгледа дека е излезена од вистинскиот контекст и со надеж дека ќе следува процес на смирување на страстите помеѓу колегите и пријателите со кои работиме заедно долг временски период, а сакаме да продолжиме да соработуваме и во иднина. Очекуваме Министерството за култура да продолжи со активностите до конечно оформување на институцијата, со цел поскоро започнување на нашата официјална концертна дејност“, потенцираат од ЗЏМ.
Од Филхармонијата, пак, кои реагираа и до надлежното Министерство и до Владата, претходно потсетија на историјата на некогашниот Џез-оркестар во Македонската телевизија. Тие сметаат дека во таа куќа сè уште постојат студијата, кои се најсоодветни за еден ваков оркестар, кој ќе може да работи непречено и да си ги подготвува своите проекти.
Министерството за култура и вчера апелираше за колегијалност меѓу музичарите сè до конечното решение за новиот оркестар.
„Објектот на Филхармонијата, како најсродна, е понуден за решение до конечно формирање на установата. Очекуваме колегите од двата оркестра да покажат меѓусебно разбирање во оваа првична фаза за формирање на новата установа, која со својата дејност веќе ја збогатува македонската музичка култура, сè до конечно решение за нејзините потреби во делот на непречено административно и концертно дејствување“, велат од Министерството за култура. (Д.Т.)
Comments