Уште една спектакуларна претстава: Дејан Пројковски по еден век го врати „Ричард Трети“ во Нови Сад
15.04.2022 April Petok
„Долго време по громогласниот аплауз за театарските уметници, публиката на ‘Ричард Трети’ ќе остане нема и скаменета од злобата во луѓето, од нејзината циклична природа, од нејзиниот незапирлив концепт. Уште долго време нема да може да се ослободи од ужасната мисла дека ‘Ричард Трети’ решил да биде таков по своја волја. И кога стравот во нас ќе стивне, во трен повторно ќе не маѓепса фасцинацијата со раскошната театарска уметност на која имавме чест да присуствуваме“, се вели во критиката по повод најновата претстава „Ричард Трети“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски, одржана премиерно на сцената на Новосадскиот театар
Македонски режисер Дејан Пројковски, кој стана познат во регионот по спектакуларните претстави, во Новосадскиот театар го постави и Шекспировиот „Ричард Трети“, кој својата премиера ја имаше на 11 април, а веќе се најавени и нови изведби. Интересно е што оваа историска драма е поставена на сцената на новосадскиот театар по повеќе од еден век, откако првата и последна премиера ја имаше во далечната 1912 година. Пројковски на публиката на Новосадскиот театар и е познат по изведбата на претставата „Ана Каренина“ од 2019 година, која е на редовниот репертоар на овој театар, а има освоено дури осумнаесет награди на различни фестивали во земјата и странство.
Театарот е огледало на животот
За самата претстава, која сосема очекувано имаше одлична оценка од театарската критика, нашиот режисер истакнува: „Шекспир заедно со Достоевски, Толстој и Чехов има големо значење во театарот и литературата. Доколку цивилизацијата би исчезнала, сите дела на Шекспир би биле некоја нова Ноева арка која ќе покаже зошто постоењето на оваа цивилизација имало смисла, ако ги исклучиме сите други глупости што ги правиме со векови како човештво. Не случајно Шекспир вели дека театарот е огледало на животот. „Ричард Трети“ секогаш поставува големо прашање за политичките системи и државните системи. Денеска ја отвора и темата што е тоа демократија и дали тоа е најдобриот систем што можевме да го замислиме или е најдобар затоа што не можевме да измислиме подобар или посовршен“, објасни Пројковски во интервјуто за hocupozoriste.rs.
Тој додаде дека она што е важно во нивната игра е желбата и целта. „Се занимаваме со универзалната приказна за тоа што значи диктатура, желбата за моќ и што значи кога човек ќе заборави дека е смртен. Ричард оди како да сака да балансира меѓу животот и смртта и еден од неговите најголеми проблеми е тоа што во еден момент заборава дека на крајот од секој животен пат што човек го избира е смртта. Ова е генерално проблем во 21 век затоа што, кога би знаеле дека нашиот живот има почеток и крај, би сфатиле дека многу работи се бесмислени“.
Инаку, оваа драма на Шекспир е напишана пред крајот на 16 век, а нејзиниот централен лик станал еден од најпознатите негативни ликови во историјата на литературата.
„Љубовта, животот, смртта и моќта се одлични теми од антиката до денес. Меѓутоа, кога работите на Шекспир, секогаш имате чувство дека тој штотуку поминал покрај Новосадскиот театар и точно знае што ни се случува“, вели во интервјуто Пројковски.
Секогаш се трудиме да бидеме подобри
Со оглед дека Пројковски со години наназад има успешни проекти со театрите низ Балканот, тој посочи: „Мислам дека режисерот живее номадски живот и веќе научив дека човек треба да прави претстави каде наоѓа луѓе кои се подготвени да сонуваат и мечтаат заедно. Театрите не се големи или мали; некои се само згради, а некои навистина може да се наречат театар. Во целиот процес се трудиме само да бидеме подобри, ние немаме конкуренција во овој театарски маратон.
Насловната улога во претставата ја толкува Арпад Месарош, а играат и Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет…, како и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.
Актерот Месарош, во пресрет на претставата истакна дека режисерот Пројковски, исто како и кога ја подготвувале Ана Каренина, ги држел на маса на пробите до моментот кога буквално експлодирале од желба да излезат на сцената.
„Прво ја интерпретиравме претставата, разговаравме, дојдовме до потенцијални решенија за одредени ситуации, а кога стигнавме на сцената имав впечаток дека сè е мазно и дека се одвива без проблеми. Во таа смисла, работата со Дејан е апсолутно задоволство. Страв имав од тоа што мислев дека тоа што го правам е премногу, дека е претерано, затоа што се прашував како овој лик може да биде психопат и дворски лудак во исто време, но со останатите од авторскиот тим успеавме многу брзо да го отфрлиме тој страв“, рече Месарош.
По изведбата на претставата, следеше и позитивна театарска критика: „Новосадскиот театар и режисерот Дејан Пројковски успеаја да ја потврдат хипотезата и реално да докажат дека Вилијам Шекспир е навистина наш вечен современик. Фантастичните уметнички светови на македонската режија, сценографијата и изворната музика, повторно се судрија со актерите на Новосадскиот театар, што произведе нова ренесанса во уметноста на сцената…“ и „Долго време по громогласниот аплауз за театарските уметници, публиката на ‘Ричард Трети’ ќе остане нема и скаменета од злобата во луѓето, од нејзината циклична природа, од нејзиниот незапирлив концепт. Уште долго време нема да може да се ослободи од ужасната мисла дека ‘Ричард Трети’ решил да биде таков по своја волја. И кога стравот во нас ќе стивне, во трен повторно ќе не маѓепса повторно фасцинацијата со раскошната театарска уметност на која имавме чест да присуствуваме“.
Во рамките на најавата за премиерата во Новосадскиот театар, беше откриено дека претставата е мошне стилизирана и аудиовизуелно богата. Својата прва реприза ќе ја има на 20 април. (Д.Т.)
Comments