Утре почнува проектот „Скопје во пет и седумнаесет“ за 60 години од земјотресот
Министерство за култура
Со низа културни настани во рамките на проектот „Скопје во пет и седумнаесет“, Министерството за култура се вклучува во одбележувањето на 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје, како потсетник за тоа што не смее да се заборави. Официјалната програма на „Скопје во пет и седумнаесет“ започнува со вечерен концерт на 25 јули од 21 часот, во паркот „Ибни Пајко“, на кој ќе настапат: Оркестарот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници, Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Светлана Јовановска и Џон Илија Апелгрин. Скопјани и сите љубители на македонските евергрин-композиции ќе се потсетат на најубавите песни и стихови посветени и на градот бидејќи: „Таму крај Вардар свои води точи и лично Водно шири свој мил лик, таму е Скопје, град мој убав личен што ми расцуте сни“.
Во Музејот на современата уметност на 26 јули ќе биде отворена дигиталната изложба на Државниот архив, „Подемот и падот на Скопје“, преку фотообјективот на Киро Георгиевски, вработен во Градското собрание во 50-тите години на 20 век. Видеоматеријалот содржи над 300 фотографии и документи за денот на земјотресот и за сите случувања до крајот на годината – доаѓањето на армијата, обновата на градот со донации од југословенските републики и од целиот свет, деновите на солидарноста и сите официјални посети на државни претставници. В среда (26 јули) во МСУ граѓаните ќе имаат можност да ја видат изложбата во периодот од 10 до 13 часот и од 15 до 17 часот. Ја покануваме пошироката јавност да ја посети изложбата, која ќе ѝ побуди сеќавања и емоции за времето во Скопје по земјотресот пред 60 години. На 26 јули, со проекција на избор од кратки филмски журнали на „Филмски новости“ по повод земјотресот во Скопје, со почеток во 18 часот, како и со премиерна проекција на дигитализираниот филм „Мементо“ на Димитрие Османли, во 20 часот, Кинотеката на Република Северна Македонија ќе се приклучи кон одбележувањето на овој значаен ден, кој пред 60 години го промени животот на овој град. Вечерта на 26 јули, со почеток во 20 часот, во Шалтер-салата на Пошта и на зградата на Телекомуникацискиот центар, креативниот тим на „Скопје лајт арт дистрикт“ ќе изведе аудиовизуелни инсталации со ласерска проекција и 3Д-мапирање како илустративен приказ на земјотресот и на обновата. Истовремено, на локации на Скопско кале и на високите кули во Карпош 1 и 2 ќе има визуелна проекција со 3Д-мапирање.
Истиот ден ќе се прикажат дел од видеоинсертите од филмски журнали на „Филмски новости“. Филмовите ќе имаат проекција и на ѕидот кај Националната опера и балет, со почеток во 20 часот, а во трговскиот центар „Ист гејт“ во текот на целиот ден. Видеоинсертите ќе бидат прикажани и во МСУ. На 26 јули во Музејот на Град Скопје, кој претставува еден од највпечатливите потсетници за скопскиот земјотрес, ќе се одржи мултимедијалниот настан на Терапија – „Зборувај за Скопје“, кој содржи: ликовни изложби, проекции на филмови, визуелна уметност и музичка програма, клупска музика, настан за урбаното и модерно Скопје. Повозрасните ќе се потсетат на минатиот век, а помладите на уникатен начин ќе се запознаат со животот на старо Скопје. Изложбата ќе биде отворена на 26, 27 и 28 јули. Дводневниот настан „Скопје во пет и седумнаесет“ е во организација на Министерството за култура и Владата.
Comments