top of page

Утре е „денот Д“ за Садио Мане

Фудбалерот на Баерн Минхен, Садио Мане, заработи несреќна повреда на дуелот со Вердер Бремен, која се заканува да го спречи во настапот за националната селекција на Сенегал која ќе игра на Светското првенство во Катар.

Иако првичната најава беше дека станува збор за минорна повреда, па помошникот тренер на баварскиот клуб Дино Топмолер даде оптимистичка најава за неговите шанси да заигра во Катар, медиумските шпекулации се распламтеа откако Баерн издаде официјално соопштение дека Мане ќе го пропушти следниот меч со Шалке.

Најдалеку отиде францускиот „Л’ Екип“, кој го отпиша фудбалерот и со тоа предизвика натамошна лавина од коментари кои се повикуваа на информациите од реномираниот медиум.

Првичната вест од Баерн беше дека Мане почувствувал болка поради тоа што бил удрен и нерв, но медиумите во своите верзии ги проширија „наодите“ со можна фрактура, болки во тетивата и ред други дијагнози. Врз база на таквите непотврдени медицински тези, се предвидува отсуство најмалку од 3-4 недели, кое може да биде и двојно поголемо.

Првиот меч на Сенегал во Катар е закажан за 21 ноември против Холандија, за потоа да уследат двата меча со домаќинот (25.11) и со Еквадор (29.11).

Селекторот на Сенегал, Алиу Сисе, го најави објавувањето на тимот во петок на 11 ноември. Во игра се повеќе имиња кои би можеле да го заменат напаѓачот, кој беше прогласен за најдобар фудбалер во Африка за минатата година, но играчот на Вилјареал, Николас Џексон, се смета за главен „фаворит“. Во вчерашното гостување на неговиот клуб кај Еспањол, тој го помина целиот натпревар на клупата за резервни играчи, што за упатените е индикација дека тој е играчот што ќе го замени сонародникот.

Поранешниот фудбалер Самуел Ето, од позиција на претседател на фудбалската федерација на Камерун најави дека очекува сите пет репрезентации од Африка да го минат првиот круг, а даде и своја прогноза за финалето.


 
 
 

Comments


bottom of page