Успешна македонска турнеја на мандолинскиот квартет „Стоби“ од Сплит
Со концертот во Скопје заврши турнејата низ Македонија на мандолинскиот квартет „Стоби“ од Сплит, Хрватска. Квартетот што работи во рамки на Македонското културно здружение „Стоби“ од Сплит на овие настапи го претстави проектот „Фестивал на книжевноста и музиката – Смош 2022“ на сцените во Охрид, Штип и Скопје. Проектот има цел низ уметноста да реализира мултикултурно образование и демократски развој преку поврзување на пријателските народи на Хрватска и Македонија.
– Прекрасно е повторно да се биде во Македонија, да се настапи со обработка на македонски народни песни и да се почувствува топлиот прием на публиката. Се разбира, во нашата програма има и хрватски традиционални нумери кои исто така наидуваат на многу убав прием од македонската публика, така што навистина имаме богата програма и вистинско задоволство е да се настапува овде, меѓу публиката која знае да го цени она што ние го презентираме. Да не зборувам дека моите колеги од оркестарот веќе добро ја препознаваат атмосферата овде и токму знаат што и како ќе го прими публиката – не го криеше своето задоволство Никола Митревски, момчето родено во Сплит, но со македонски корени, кој веќе шест години со успех ја негува македонската музика во рамки на квартетот „Стоби“, музички состав претходно познат како „Клинци Мандолинци“.
Квартетот „Стоби“ го сочинуваат, Никола Митревски (мандолина), Мате Кошутник (мандолина), Луција Мајиќ (мандола) и Лука Елез (гитара). Тие работат под водството на професорката Ивана Кенк Калебиќ и во својата програма значајно место имаат македонските песни.
Инаку, квартетот својата турнеја ја започна во петокот во Охрид со настап во музичкото училиште „Методи Патче“, заедно со ученици од музичките училишта од Охрид и Струга. Во саботата тие во Штип настапија во градската библиотека „Гоце Делчев“, заедно со писателот Трајче Кацаров, кој беше и модератор на вечерта, а турнејата заврши во Скопје со изведбата во домот на културата „Кочо Рацин“, заедно со ученици од Хрватската заедница во Македонија, а под водство на професорот Марко Павелиќ. Членовите на оркестарот не го криеја своето задоволство од успешната турнеја и едногласно најавија дека уште отсега се подготвуваат за некое следно гостување во Македонија, за кое посакуваат да биде што побргу.
Comments