top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Уникатното тракиско сребро пред македонската јавност

Изложбата, која е поддржана од министерствата за култура на двете држави, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија. Меѓу содржината е и тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка

Во Археолошкиот музеј во Скопје, отворена е ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која е прво целосно претставување на тракиската култура во нашата држава. Во духот на европските вредности и на зацврстувањето на културната соработка со Бугарија, изложбата е резултат на соработка меѓу Археолошкиот музеј во Скопје и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија. Изложбата, која е поддржана од министерствата за култура на двете држави, покрај ексклузивните археолошки предмети од Националниот археолошки институт со музеј при БАН – Софија, содржи и наоди од 17 историски и регионални музеи во Бугарија. Меѓу содржината е и тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка.

„Поставените дела се непроценливо сведоштво за дамнешната историја на дел од европскиот континент. Тракиската историја, а со тоа и култура, се факти кои за многумина се малку познати. Оттаму, вредноста на оваа изложба е уште поголема.

НУ Археолошки музеј од Скопје и Националниот археолошки институт од Софија својата соработка ја крунисаа со две ексклузивни изложби. Правата, отворена минатиот месец во Софија, „105 години Требеништа“ и денеска со изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје. Македонската публика има чест да го проследи во целост претставувањето на тракиската култура зашто изложбата во Скопје ги надминува, и по обем и по комплексност, сите претходни поставки на ‘Сребрена Тракија’“, посочи министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа додаде дека ваквите изложби се дел од европските вредности кои претпочитаат реално запознавање и читање на фактите од минатото, како и соочување со фактот дека историјата не се буди по потреба туку се учи за да нè разбуди.

„Цивилизациите имаат подеми и падови и тие циклични кругови на историјата се лекција. Секое време, секоја историска доба има свои светли, но и свои темни моменти. Тракијците важеле за исклучително воинствени и безмилосни племиња, но таа нивна темна страна денеска ја засенува блесокот на уникатната обработка и уметничка изработка на Тракиското сребро. И другите артефакти што се изложени сведочат за едно високо ниво на естетика во време на свирепост

Впрочем, Херодот ќе запише: ‘Тракијците би биле најмоќни од сите други племиња да немале една кобна фалинка во својот карактер – обожавале меѓусебно да се борат и да се во постојан конфликт’. И во тоа е суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме – да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност”, додаде Костадиновска-Стојчевска, која е покровител на изложбата.

Свои обраќања на отворањето на изложбата во Скопје имаа и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции, кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов. Тие посочија дека ваквите изложби се доказ за добра соработка меѓу институциите на двете држави“.

„Изложбата е израз на искрена заемна волја за соработка на двете национални установи. Таа е значаен чекор напред во воспоставената соработка за зачувување на културното наследство кое е истовремено и заедничка европска вредност, посочи Талат Џафери, претседател на македонското Собрание, кој додаде дека изложбата е уште еден начин за зајакнување на културните мостови и градење на цивилизирани односи во регионот. „Тие внесуваат светлина во овие времиња на мрачни вести“, додаде Џафери.

Росен Димитров Жељазков, претседател а бугарското Собрание, пак, посочи дека за него претставува чест да присуствува на ваква изложба во Скопје, која е резултат на соработката на културните установи на двете држави. Тој изрази и поддршка за европската перспектива на Македонија.

Изложбата досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот. (Д.Т.)






0 views

Comentarios


bottom of page