Уникатно латино џез искуство со ЗЏМ биг-бенд и Луис Бонила, концерт во Филхармонија
Во Филхармонија, на 28 декември во 20 часот, ќе се одржи новогодишен концерт на ЗЏМ биг-бенд и Луис Бонила, реномираниот американски џез тромбонист, по потекло од Костарика, кој на македонската публика ќе ѝ приреди уникатно латино џез искуство. Тој е повеќекратен добитник на Греми награди, продуцент, композитор, аранжер и професор. Низ плодната кариера на многуте изданија остварува соработки со некои од најголемите имиња во историјата на џезот: Вангард џез оркестра, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши.
Диригент на концертот е нашиот познат музичар Емин Џијан.
„Соработката со Луис Бонила се случи при еден концерт кај нас, пред четири години, Европскиот биг-бенд каде што музичари од цела Европа учествуваат и прават концерти насекаде низ Европа. Луис Бонила е легенда која има соработувано со сите еминентни музичари на светската музичка сцена. Бил дел и од оркестарот на Фил Колинс и не смееше да се пропушти таа прилика да организираме концерт и тој да настапи со нас. Тој е еден од малкуте живи легенди кои свират на тромбон кој е многу специфичен инструмент и Бонила како еден од мајсторите го прави тоа на високо квалитетно ниво“, вели Гоце Стевковски од Здружението на џез-музичари.
Во рамките на програмата ќе бидат изведени авторски композиции на Луис Бонила, аранжирани специјално за Биг-бенд оркестар и, како што вели Стевковски, најважно од сè е што тој ја прикажува латино страната на џезот.
Самиот џез тромбонист Луис Бонила напомена дека на програмата на концертот ќе има селекција од сите негови свирки.
„Македонија е едно невообичаено место и уживам во посетата на оваа држава. Убаво е повторно да се биде тука. Овој концерт е важен чекор за креативноста и за музиката, бидејќи во оваа држава има многу талентирани музичари. После концертот најверојатно нема да ја паметите многу музиката, но ќе го запаметите чувството што сте го имале додека сте присуствувале на концертот“, рече Бонила на денешната прес-конференција.
Стевковски најави уште двајца гости на концертот.
„На овој концерт ќе настапи и Бојан Цветковиќ, џез-пијанист од Србија од помлада генерација и Дарко Седак Бенчиќ, кој е постојан член на љубљанскиот Биг-бенд и воедно соработува со нашиот Биг бенд, а е ангажиран и во Биг-бендот на Хрватската радио-телевизија. Ова е една регионално американска соработка со извонреден и несекојдневен материјал“, додава Стевковски. (Д.Т.)
コメント