Уникатни македонски артефакти во Филдовиот музеј во Чикаго
„Голема чест е што жртвеникот од Врбјанска Чука е еден од првите и најстари предмети со кои започнува мистичното патување низ балканската предисторија. Освен него, свое катче си имаат енеолитскиот скиптар од Шуплевец и железнодобниот накит од Милци“, посочува координаторот на изложбата од Македонија, Гоце Наумов. Изложбата која побуди голем интерес во светски рамки и која претходно беше претставена и во Њујорк, во Чикаго ќе биде достапна за разгледување до 2024 година, по што ќе биде поставена и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (CMH)
Уникатните македонски артефакти кои ги раскажуваат нашите приказни од предисторијата, како дел од изложбата „Првите кралеви на Европа“, за првпат се претставени во Филдовиот музеј во Чикаго. Проектот во кој учествува нашата држава се реализира во партнерство со уште 10 земји од Балканот на кои им се приклучија Соединетите Американски Држави и Канада и 26 различни музеи.
„Голема чест е неолитскиот жртвеник од Врбјанска Чука да биде меѓу првите и најстарите предмети со кои започнува ова мистично патување низ балканската предисторија. Освен него, свое катче си имаат енеолитскиот скиптар од Шуплевец и железнодобниот накит од Милци“, вели археологот д-р Гоце Наумов кој е координатор на изложбата од Македонија. Тој додава дека дваесетте предисториски предмети од Македонија, заедно со стотици балкански артефакти, ќе говорат за тоа како стопанството и религијата биле постојано испреплетени од формирањето на неолитските земјоделски села до појавата на железнодобните благородници.
„Ова е најголемата изложба на праисторија во историјата на археологијата бидејќи обединува многу музеи од Европа. Очекуваме да ја видат над еден милион посетители кои прв пат ќе се запознаат со социјалните и религиските аспекти на предисториските заедници“, исто така посочи Наумов.
Оваа поставка која претходно беше презентирана и во Њујорк, (на Институтот за древни студии ISAW), како што вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ја става нашата земјава во фокусот на ексклузивен културен настан во Северна Америка. Изложбата која побуди голем интерес во светски рамки, во Чикаго ќе биде достапна за разгледување до 2024 година, по што ќе биде поставена и во Историскиот музеј на Канада во Гатино-Отава (CMH).
„Оваа ексклузивна изложба ни покажа колку е важна институционалната соработка во регионот, но и соработката со партнерските институции и фондации во Северна Америка за реализација на ваков проект, кој по своето значење секако ќе остави трајни научни и културолошки вредности за идните генерации, додаде министерката. Таа посочи и дека е голема привилегија што имаме 20 предмети од предисторијата кои се поставени во витрините и се претставени во виртуелната прошетка за првите кралеви и кралици на Европа, покажувајќи ги растежот и менувањето на цивилизациите, до последните артефакти на овој проект што ги покажува историјата и културата на балканските земји.
„Многу од културните предмети никогаш не биле изложени надвор од нивните земји на потекло, а некои никогаш не биле изложени. Изложбата ‘Првите кралеви на Европа’ е единствена можност да се видат овие културни објекти на едно место“, вели кураторот на оваа изложба, Вилијам Паркинсон. Тој додаде дека изложбата „зборува за еволуцијата на нееднаквоста. Но, исто така, за еволуцијата на лидерството и луѓето кои, всушност, станаа владетели во тие општества“.
Од музејот ги повикуваат посетителите да нурнат во историјата преку артефактите кои за првпат се претставуваат на едно место, и да патуваат назад во 5000 година пред нашата ера до железното време за да осознаат како воините се претворија во кралски членови и засекогаш ја променија структурата на општеството.
Македонските претставници на оваа ексклузивна збирка од 700 предмети, координирана од Гоце Наумов, доаѓаат од НУ Завод и музеј – Битола, НУ Музеј – Гевгелија и НУ Завод и музеј – Прилеп.
„Ваква тематска изложба, со наслов ‘Првите кралеви на Европа’ досега не е организирана во Европа, иако сите артефакти се откриени токму на нејзина територија. Таа ја обединува сликата за економските, воените и културните промени, општествени процеси кои се случувале и траеле на одредени простори во Европа, во дадената временска рамка од неолитскиот период до крајот на железното време во почетокот на 5 век пр. н. е. “, вели за значењето на изложбата Бобан Хусеновски, археолог кустос-советник во НУ Музеј – Гевгелија. Според него она што е најинтересно е, што до денес, на некрополата Милци се откриени точно 236 гробни целини, а само во оној под ознаката гроб 111 за прв пат покрај една покојничка/благородничка е откриена култна палка во јасен и дефиниран археолошки контекст. „Внимателно со употреба на метал детектор, откривме примероци на „македонско/пајонски” култни бронзи кои во каталогот на праисториските пајонски наоди се ретки или дури уникатни“, посочи за ВЕЧЕР Хусеноски.
Директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, пак, ја истакна сложеноста на проектот во кој за првпат се соединуваат три наши музеи со сродни институции на Балканот, за прво вакво претставување на предисторијата во Северна Америка.
„Овој настан е значаен бидејќи е ова прво претставување на еден сегмент од македонската култура пред пошироката американска јавност“, истакна Стојанова.
Изложбата „Првите кралеви на Европа“ е резултат на исклучителен културен проект, инициран пред шест години под координација на Музејот „Филд“, а ги презентира најважните праисториски археолошки артефакти од збирките на музеите од: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и Унгарија.
Структурирана е во четири главни делови: „Територија пред кралевите: неолитски период“; „Првата позлатена доба: бакарната доба“; „Нови патишта на моќта: бронзеното време“; „Раѓањето на кралското семејство: железната доба“.
За изложбата се изработени извонреден зборник и каталог, уредени од авторите Атила Гјуча и Вилијам Паркинсон, од кои потекна и идејата и иницијативата за организирање на една ваква светска изложба. Тие се публикувани од престижната издавачка куќа на Археолошкиот институт „Котсен“ при Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес. (Д.Т.)
Comments