Уметницата Ивона Велковска: „Игри на проекции“ – минијатури кои побудуваат нови доживувања на светот
Велковска во галеријата „КО-РА“ се претставува со избор од педесетина минијатури и дела во мал формат, во повеќе комбинирани техники, со кои презентира дел од своето творештво. „Проекциите иако лични – трансформирани во апстракција, сепак во себе содржат и еден универзален ликовен израз, кој на публиката и остава можност да препознае, побуди и создаде нови перцептивни доживувања на светот..“, вели Велковска, ликовен педагог и автор на изложбата „Игри на проекции“ „Проекциите иако лични – трансформирани во апстракција, сепак во себе содржат и еден универзален ликовен израз, кој на публиката ѝ остава можност да препознае, побуди и создаде нови перцептивни доживувања на светот или да даде нов увид во некоја друга реалност“, вели уметницата Ивона Велковска за својата најнова изложба „Игри на проекции“ отворена во галеријата „КО-РА“ во Скопје. Таа пред скопската и македонска јавност се претставува со избор од педесетина минијатури и дела во мал формат во повеќе комбинирани техники со кои презентира дел од своето творештво од повеќе различни периоди. „Постојана инспирација за мене како ликовен уметник е просторот во кој живееме, се движиме, и во кој постојано совладуваме разни предизвици… “, истакна за весникот ВЕЧЕР, Велковска. За малиот формат пак, таа додава „Денес сè се прави во големи димензии и сразмери, и малите работи најчесто се незабележливи за повеќето луѓе, а убавината е и во малите нешта. Но и просторот колку што може да го доживуваме како затворен и ограничен, исто така е и голем и неограничен“. Овој уметнички настан кој на отворањето беше збогатен со настап на Тони Анев, кој изведе повеќе музички теми од популарната македонска, но и странска музичка сцена, го привлече вниманието на љубителите на уметноста кои и во деновите потоа со голем интерес ја посетуваат изложбата. „Ивона Велковска својот интимен дијалог успева да го предочи со изобилство кротка милозвучна поетика на богата хроматска скала на многуслојните лазури со кои транспарентно вообличува предели, сегменти, пасажи, секвенци на едно стварно доживеано, или едно неопределениот време и простор во нас и далеку од нас некаде, како исечоци од некои секвенци од сказните, од сништата или од космичките созвучја мултиплицирани во својата, проекција и подвоени од хоризонтите на нашата перцепција…“, истакнува Виолета Калиќ стручен соработник во Домот на култура „Кочо Рацин“ Скопје, кон самостојната изложба на Велковска, која за јавноста ќе биде отворена до 15 октомври. Инаку, сликарска игра на различни форми, линии, текстури на бои, од крајно транспарентни до потполно заситени, преку колористички перспективи и игри на илузии креираат еден апстрактен израз преку кој авторот пренесува лични доживувања на светот. Но, во тој свет перспективите кои би ги нарекле внатрешни се испреплетени и со оние надворешните… Велковска (1975, Мостар), дипломира на Факултет за ликовна уметност во Скопје, педагошки оддел со насока сликарство, во класата на проф. Рубенс Корубин 1999. Работи како ликовен педагог во средното образование во Скопје. Член е на ДЛУМ од 2008 г. Има реализирано три самостојни изложби, а учесник е во преку 50 различни проекти во државата и надвор меѓу кои учествата на многубројни годишни изложби на ДЛУМ, „Зимскиот салон“, изложби на „Минијатура и мал формат“, во КИЦ, изложбата во НГМ „Мала станица“ изложбите во Пловдив, во Софија, Бугарија и во Прага, Чешка. Добитник е на наградата на НЛБ за „Мини АРТ“ во 2015 и учесничка е на повеќе меѓународни ликовни колонии. (Д.Т.)
Comentarios