Уметникот Владимир Темков со нова изложба “Големи и мали“: Еден поинаков колорит на небото и водите
16.02.2021 februari vtornik
“На мојата изложба малите слики сега гордо стојат до големите и понекогаш во малите слики филозофијата е поголема и авторот може многу повеќе да се изрази и да ја прикаже целата приказна од својот живот“, вели Темков за весникот ВЕЧЕР. Тој додава дека во новите дела, создадени во време на карантинот поради пандемијата, се обидел да го смени колоритот на небото, да ја смени длабочината на водата во Тиквешијата и да ја покаже онака како што тој ја чувствува
Делата на еминентниот македонски академски сликар Владимир Темков, деновиве повторно ги воодушевуваат љубителите на уметноста. Во Домот на културата “Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, на првата изложба од започнувањето на пандемијата насловена “Големи и мали“, се претставени 26 дела од голем и мал формат во кои главната инспирација се токму бојата на небото и водите во Тиквешијата. Како што вели самиот уметник “ова се дела создавани во текот на пандемијата и карантинот, цела 2020 година, и во нив се отвараат видици кон тиквешкото небо, тиквешкото сонце и водите кои го опкружуваат Тиквеш“.
“Се обидов да го сменам колоритот на небото, да ја сменам длабочината на водата и да ја покажам онака како што јас ја чувствувам. Некои ќе се запрашаат кој е овој мотив, каде се наоѓа овој простор. Тука е, во вашите срца во вашите очи. Многу луѓе паднаа во депресија кога пред една година во Македонија застана времето, часот, кога прогласија вонредна состојба и карантин. Јас го најдов мојот мир во моето ателје и резултатот се овие дела“, вели уметникот, кој додава дека токму изолацијата поради Ковид 19 беше поводот за изложбата.
Во рамките на поставката можат да се видат осум дела, во голем формат и четири мали слики, како и неколку дела кои го надополнуваат циклусот “Боите на земјата и небото на Тиквешијата“, сите во техника акрил на платно.
На нашето прашање зошто насловот е токму “Големи и мали“, уметникот ни одговори дека изложбата е поврзана токму со неговото детство кога на улицата се делеле на големи и мали:
“Кавадарци обилува со доста води, тука се двете реки, Тиквешкото езеро, но додека бевме мали поголемите одеа на езерото, а за нас помалите немаше место во возилото. Така што сакам да кажам дека малите слики сега стојат гордо до големите и дека понекогаш во малите слики филозофијата е поголема и авторот може многу повеќе да се изрази и да ја прикаже целата приказна. Но, наспроти тоа на секој автор му е цел да направи капитално дело во голем формат и токму таа игра меѓу големото и мало, е инспирација за насловот на изложбата“, вели Темков за весникот ВЕЧЕР. Уметникот истакнува дека “И сликите со мал формат се подеднакво важни во неговто творештво, како и оние големите.
“Големината на моето творештво е и во малиот формат“, нагласува Темков во најавата за својата изложба.
Тој за весникот ВЕЧЕР додава дека пред три години одбележал 60 години од раѓањето и 40 години творештво. “Тогаш си ветив дека секој мој роденден, на 19 јануари Водици, ќе го одбележам со некаква изложба што ќе ја работам во тековната година, но годинава изложбата е пролонгирана поради пандемијата.
“Токму тие четири мали слики од изложбата кои гордо стојат до големата прикажуваат една прикаска, еден живот, моето творештво од сигурно 60 и некоја година“, вели Темков додавајќи дека за творење, енергијата ја црпи токму од поддршката на семејството. (Д.Т.)
Comments