Уличното дефиле и претставата „Сонот на Ерберт“ одложени за утре
28.06.2024 Juni Petok
Прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје , наместо вечерва, е одложена за утревечер поради големо невреме во моментот на полетување на гостите од Франција.
Крајот на прославата е замислен со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ерберт“. Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ утревечер ќе започне во 21 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.
Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен како „Франција во светлина“.
Comments