top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

УЕФА отвори истрага против албанскиот репрезентативец Даку поради навреди упатени кон Македонија

25.06.2024 Juni Vtornik

Европската фудбалска унија (УЕФА) вечерва објави дека отвори истрага против албанскиот репрезентативец Мирилинд Даку во врска со националистичките скандирања против македонската држава по завршувањето на вчерашниот дуел на Европското првенство помеѓу Албанија и Хрватска (2-2).

Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, како и Србија, а потоа ги повика и навивачите на албанската репрезентација да му се приклучат.

Претходно денеска, Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ги „осуди постапките“ на Даку и побара „релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти“.

Однесувањето на албанскиот репрезентативец го осуди и неговиот клуб, руски Рубин Казан, додека Даку во меѓувреме упати извинување преку Фејсбук.

Паралелно со истрагата против Даку, УЕФА соопшти дека отвори истрага за расистичко и дискриминаторско однесување на навивачите кои од трибините во Хамбург го следеа вчерашниот дуел меѓу Албанија и Хрватска.

Во текот на второто полувреме од трибините на стадионот можеше да се слушне како дел од албанските и хрватските навивачи заедно скандираат „Убиј го Србинот“.

Барање за поведување истрага во текот на денот дојде и од Фудбалската федерација на Србија (ФСС), чиј генерален секретар Јован Шурбановиќ не ја исклучи можноста српската репрезентација да се повлече од ЕП доколку инволвираните страни во инцидентот не бидат соодветно казнети.


0 views

Comments


bottom of page