Убедувањата кои го доведоа до врвот, сега го сопреа Ѓоковиќ во походот кон недостигнати височини
18.01.2022 Januari Vtornik
Еден од деновите кои ја дефинираа неговата кариера, според најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, се случи летото во 2010 година. Тој веќе го освои неговиот прв гранслем-трофеј, но повременото губење на здив ги отежнуваше неговите мечеви. Сега, Ѓоковиќ изгледа како еден од најиздржливите спортисти. Тој го покрива тенискиот терен со речиси роботска ефикасност, секогаш два чекора пред противниците. Но во 2010 година, Ѓоковиќ се чувствуваше невообичаено изморено и без здив. Во повеќе наврати, во екот на напорните мечеви, тој повикуваше медицински тајмаути стравувајќи од колапс, пишува „Индипендент“.
– Д-р Игор Четојевиќ, кој се опишува себеси како „специјалист во енергетска медицина“, стапи во контакт со Ѓоковиќ преку заеднички познаник. Тие се сретнаа во Хрватска, каде што Четојевиќ побарал од Ѓоковиќ да ја истегне левата рака додека притиска парче леб на неговиот стомак. На изненадување на Ѓоковиќ, почувствувал слабост во раката во присуство на глутен. Колку и да звучи невообичаено, дека врвниот тенисер ќе биде подложен на такви „алтернативни терапии“, можно е преку тој ден да се согледаат сиот успех и контроверзи во кариерата на популарниот Ноле, од 20-те гранслем трофеи и рекордниот број на денови на врвот на АТП-листата до престојот во хотелот во Мелбурн – наведува британскиот весник.
Долго пред Ѓоковиќ да изгради една од најдобрите спортски кариери во модерното доба, тој цврсто го усвои начинот на размислување што ги одбива надворешните влијанија. Менталитетот на аутсајдер помага да се објаснат верувањата на Ѓоковиќ во алтернативната медицина, како и неговиот скептицизам во врска со конвенционалната наука.
Ѓоковиќ во текот на кариерата соработуваше и со Пепе Имаз, тренерот и самопрогласен духовен водач. А минатата година, по поразот во финалето на САД опен, имаше еден од неговите „аџилаци“ до пирамидата на сонцето во градот Високо, во БиХ, место за кое постои народно верување дека има митски моќи за лекување.
А „Индипендент“ смета дека уверувањата на Ѓоковиќ во алтернативното лекување се согледуваат во наводното одбивање на операција во 2017 година, кога имаше повреда на лакотот, додавајќи дека таквите случувања даваат контекст во отпорот на српскиот тенисер кон примањето вакцина против ковид-19.
– Тој не е антиваксер во смисла на верување во неоснованите теории на заговор во однос на вакцината, туку воопшто, идеолошки се противи кон таквите методи на научна терапија – се наведува во написот на „Индипендент“.
Британскиот весник потсетува на изјавата на Ѓоковиќ за вакцинацијата од април 2020 година.
– Лично се противам на вакцинацијата и не би сакал да бидам принуден да ја примам вакцината за да можам да патувам – кажа тогаш српскиот тенисер.
Многумина сметаат дека ваквите ставови се себични, но тие се дел од пошироките размислувања кои се клучни за неговата целокупна кариера – единствен во неговите убедувања, своеглав и решен да ги брани убедувањата до самиот крај. Соочен со пандемијата, овие карактеристики истовремено го претворија и во легенда и во отпадник, по случувањата во Австралија, се вели во анализата на „Индипендент“.
Австралиската влада не ја призна одлуката на организаторите на Австралија опен да му дадат медицински исклучок за учество на турнирот на Ѓоковиќ, кој е невакциниран. Српскиот тенисер претходно упорно одбиваше да открие дали примил вакцина против ковид-19, повикувајќи се на слободата на избор.
Најдобриот светски тенисер затоа беше депортиран од Австралија, откако по 11-дневна правна битка го загуби судскиот процес за признавање на неговата виза, со цел да се натпреварува на тековното издание на Австралија опен. Ваквата одлука ги згасна надежите на 34-годишната тениска ѕвезда за освојување на рекордниот 21-ви гранслем трофеј на овогодишното издание на гранслем-турнирот во Мелбурн.
Comments