„Убавите жени“ – нова збирка песни на Зоран Пејковски
- Aleksandar Santovski
- Mar 10, 2022
- 1 min read
„Убавите жени“ е наслов на најновата збирка песни на Зоран Пејковски, во издание на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Ова е негова 24-та по ред збирка песни, од вкупно 55 -книжевни дела.
„Стихозбирката „Убавите жени“ се базира врз традиционално уиверзални проблемски јадра и комбинира архаична наративност, препознатлива како библиска поетичка линија, со богати поетски слики метафори и со ретки но особено ефектни звуковно значенски комбинирања на јазичниот материјал. Неговите поетски изблици во прв ред се доживуваат како сензуални и еротизирани, но во заднина избива продлабочена рефлексивност, која го поставува читателот пред низа прашалници и го повикува во мисловни авантури“, пишува проф. д-р.Соња Стојменска Елзесер, есеист, критичар и теоретичар од областа на книжевноста.
Писателката д-р Лилјана Пандева, пак, пишува: „Иако по вокација драматург, се чини дека во „Убавите жени“, Пејковски успеал комплетно да се нурне во поезијата. И тоа во чиста. Не дека во некои од овие песни го нема драмскиот елемент, но во „Убавите жени“ станува збор за чиста поезија. Како што всушност тој ја опишува жената. Можеби насловот на збирката можел да оди во еднина. Затоа што сите песни се за жената. За една жена, уште од нејзината прамајка Ева, тука наречена икона на универзумот“.

Comments