top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Убавината на Македонија ме инспирира да напишам цела книга

Гевин Бредли, добитник на наградата „Мостови на Струга“

За книгата „Страв од разделба“ ирскиот поет Гевин Бредли е добитник на „Мостови на Струга“ – меѓународна награда што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга. Бредли е ирски автор од Белфаст, Северна Ирска, а од 2012 г. живее во Едмонтон, Канада. Неговите први дела биле објавени во списанието „Стаклен бизон“. Неговата поезија е објавувана во весникот „Ајриш тајмс“ како дел од серијата „Хенеси, нови ирски писатели“, а била вклучена и во „Блек спрингс прес бр. 39“, антологијата на „Најдобри британски и ирски поети 2019-21“. Работи како помлад предавач по палеонтологија на Универзитетот на Алберта.

Наградата „Мостови на Струга“ е уште едно во низата признанија за она што го работите. Колку ви значат наградите? – Наградите, општо земено, се толку субјективни и надвор од наша контрола што која и да ја освоиме создава чувство како да се случило мало чудо. Сепак, особено бев воодушевен од наградата „Мостови на Струга“, бидејќи ми покажа дека книгата може да патува надвор од Ирска и Канада, и да им се допаѓа на луѓето без тие да мора да имаат географска, културолошка или јазична поврзаност. Ова само ми го потврди она што го чувствував за книгата; дека разделбите и чувството на загуба што доаѓа со нив е универзална човечка приказна. Поетските книги традиционално не се продаваат на големо, така што наградите се едни од ретките одредници што помагаат да покажеме како напредуваме во очите на другите поети. И, се разбира, да се биде првиот ирски добитник на наградата ми предизвикува голема гордост!

„Трпеливо чекам… секогаш подготвен за моите рани“, велите во една од вашите песни. Дали помалку боли кога некој ја очекува болката? – Би сакал да мислам така, но не е така. Во некои случаи мислам дека чекањето прави да ни биде полошо. Анксиозноста, на пример, е неконтролирана и чекањето може да ве натера да страдате двапати. Мислам дека е важно да има некој друг со нас, некој со кого ќе се сподели болката кога ќе дојде. Затоа како деца трчаме кај нашите родители или баби и дедовци кога ќе паднеме и ќе го одереме коленото. Знаеме, дури и како деца знаеме, дека немаат волшебен лек за да ја измијат болката (од искуство можам да потврдам дека солената вода апсолутно не ја намалува болката!). Но она што тие можат да ни го дадат е утеха; признавањето на болката и ветувањето дека нема да трае вечно. Она што можат да направат е да бидат таму, а да се биде таму е доволно.

Каква е љубовта што не гори? – Не треба да постои, нели? Не, ако им се верува на песните, претставите и филмовите. Но понекогаш тоа го прави, гори. Понекогаш едноставно се сопнува од блискост, понекогаш нема развој или, пак, постои страв од промена. Сигурен сум дека сите сме виделе таква двојка, а можеби дури и сме биле во таква врска. Но љубовта е секогаш деструктивна на некој начин, и тоа не само во несреќни или токсични врски (каде што уништувањето е мошне очигледно). Најсреќната врска што можете да ја замислите на некој начин вклучува палење на мостовите, тоа може да е љубов кон старите пријатели со кои ви се разминал патот, старите навики од деновите кога сте биле сами или, пак, како што е случај со секој што ќе најде љубов далеку од дома – уништување на старото чувство или идеја што претходно сте ја имале за тоа како ќе ви се одвива животот. Значи љубовта треба да гори. Тоа треба да биде деструктивно на некој начин, но тоа уништување може да доведе и до убави нешта.

„Никој не треба да умре изнемоштен, осамен и чекајќи да преврне.“ Како е убаво да се умре? – Еден мој познаник обожава да го поставува ова прашање на забави и луѓето секогаш пробуваат да дадат духовити одговори или одговараат „сакам да умрам во сон“, но мислам дека тој одговор зависи од тоа што го сонуваш во моментот. Замисли да заминеш сонувајќи го својот најголем кошмар? Лично, како Ирец, тоа не би ми пречело, напротив, би било соодветно некако. На крајот, не мислам дека постои добар начин да се умре, но сознанието дека си успеал да оставиш впечаток и да повлијаеш на светот или на луѓето од твојот живот, би било доволно за мене. Скот Хачинсон, извонредниот лиричар и пејач на шкотскиот бенд „Фрајтен рабит“, кој неодамна ненадејно почина, го нарекуваше тоа „мали промени на Земјата“. Мислам дека идејата на оставањето нешто зад себе, некој печат на земјата пред да се замине, е нешто што до одреден степен мотивира многу писатели и автори, на некој свесен или општествен начин. Најпосле, најдоброто нешто на кое може да се надеваме е човекот што го сакаш и што те сака да биде со тебе, можеби и пар мачки.

Зошто ни е страв од разделби? – Збогувањата често ги означуваат новите почетоци, промени, возбуди, меѓутоа цената е загубата – изгубен пријател, комфор, љубов, татковина, чувство на припаѓање и идентитет. Исчекувањето на таа загуба прави да се плашиме од промени (нешто што често се споменува во книгите за самопомош, како на пример во популарната „Кој ми го украде сирењето?“). Збогувањата за некои луѓе се еден вид временски споменици, потсетници на минливоста на времето, на постојаноста на таа промена, нешто за што трошиме многу енергија за да го игнорираме.

Палеонтологија и поезија. И во двата случаја треба да се „копа“ за да се дојде до вистината. Каква е поврзаноста меѓу науката и уметноста? – За мене, уметноста и науката се две страни од истата паричка. И двете се вид начин на спознавање на светот околу нас, она што го чувствуваме и гледаме и она што не го гледаме. Никогаш не сум се почувствувал конфликтно преку ден, кога сум научник, и за време на кратките утрински моменти кога сум поет, и двете постоења се дополнуваат и подобруваат меѓусебно. Читајќи ја „Страв од разделба“ по нејзиното издавање, се изненадив колку многу термини од палеонтологија, зоологија, анатомија и геологија има во песните без свесно претходно да ги забележам. Цитатот „Остри заби на грлото“ (од „Чудна чорба“) е практично извадок од моето предавање за диверзитет на ’рбетници.

Јазикот на науката знае да биде многу прецизен, понекогаш застрашувачки, но исто така може многу лесно да се примени и во поезијата. Секако, не секој би се согласил, но за оние што сепак сакаат да ги држат науката и уметноста одвоени, би им го препорачал проектот „Дрво на животот“ – огромно еволутивно дрво што е сочинето од илјадници и илјадници врски помеѓу предци и потомци што научниците по еволуција ги имаат создадено врз основа на фосилни и генетски сознанија. Тоа е не само симбол на неверојатниот развој на еволутивната наука од времето кога Дарвин ја напиша „За потеклото на видовите“, туку и, според мене, едно од најзначајните уметнички дела – тоа е зашеметувачка илустрација на Дарвиновата „најубавата бескрајна форма“, форми со кои имаме и сме имале чест да ја делиме планетата.

Првпат ли доаѓате во Македонија и на овој фестивал? Какви се вашите очекувања од земјата, но и од луѓето? – Ова е мојата прва посета и на земјата и на фестивалот и сум многу возбуден поради тоа. Од мојата комуникација со организаторите на фестивалот и приредувачите на мојата книга можам да заклучам дека можеби се најгостопримливите луѓе на планетата и уживам во секоја земја што има длабока љубов кон поезијата. Од сликите што ги видов од Охридско Езеро, природната убавина со која зрачи, се инспирирав да напишам цела книга пред да си заминам од Македонија. Прогнозата за сончеви денови за време на фестивалот, како црвенокос Ирец со блед тен, ми влева малку страв, се надевам дека ќе убедам неколку облаци да дојдат со мене за да ми направат сенка.


2 views

Comments


bottom of page