ТФТ ја доби „мајсторката“ со Златибор и ќе игра историско полуфинале во АБА 2!
- Aleksandar Santovski
- 3 days ago
- 1 min read
31.03.2026 Mart Vtornik
Кошаркарите на ТФТ Скопје го совладаа тимот на Златибор Чајетина во „мајсторката“ од четвртфиналето на АБА 2 лигата, славејќи со конечен резултат 80-90 За скопскиот тим ова е најголем успех во меѓународни рамки, закажувајќи историско полуфинале против екипата на Сутјеска.
Македонскиот претставник одлично го започна мечот, имаше +13 по истекот на првите десет минути, а потоа стигна и до 15 поени предност, но одигра очајна втора четвртина, по која домаќинот успеа да се врати до паузата меѓу двете полувремиња (36-38).
Третиот период донесе за нијанса подобра игра на Златибор, но беше јасно дека последната делница ќе биде одлучувачка за победникот на овој меч. Водството се менуваше неколку пати, а во овие моменти беше тешко да се каже која екипа ќе има повеќе концентрација во финишот.
Искусниот Протиќ „фрли“ тројка за Златибор и донесе +4 за домаќинот, но со иста мера на спротивната страна возврати Американецот Дарин Говенс. Следуваше уште една тројка на ТФТ, по што следуваше тајм-аут на домашната клупа. Се чинеше дека ТФТ во овие моменти прави важен исчекор, иако до крајот имаше уште пет минути.
Златибор се држеше на четири до пет поени негатива, но и ТФТ беше потентен во офанзива. Влезе македонскиот тим во проблеми со лични грешки, но ја одржуваше позитивата од пет поени на две минути до крајот. Говенс погоди за 77-82, а се надоврза и Ташовски со два погодени „пенали“, по што ТФТ на крајот ја обезбеди победата со конечни 80-90.
Најдобар поединец во победничкиот состав беше Дарин Говенс со 23 поени, а на спротивната страна, Матеј Чибеј уфрли 16 поени.






Comments