Тур де Франс в година ќе се вози низ четири земји
18.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Четири земји, Данска, Белгија, Швајцарија и, секако, Франција се на картата на велосипедската трка Тур де Франс во 2022 година, најголем број од 2017 година. Легендарниот Тур, 109-ти по ред, ќе почне во Копенхаген, Данска, на 1 јули со првата етапа на хронометар долга 13 км и ќе заврши во Париз, на Елисејските Полиња, на 24 јули, објавија организаторите. Данска ќе стане 10-та земја што ќе биде домаќин на старт на трката и најсеверна во историјата на турнејата, пишува на официјалната интернет-страница на трката. По првите три дена во Данска, првата недела ќе има и етапа на калдрма во северна Франција, краток излет во Белгија и финиш на врвот Ла Планш де Бел Фиј, на истата локација каде што ќе заврши Тур де Франс за жени. Во втората седмица велосипедистите ги чека возење по Алпите во Швајцарија и во Франција, вклучувајќи го и познатото искачување на Алп д’Уез на 14 јули, на Денот на Бастилја, националниот празник на Франција. Во последната недела има два тешки финиша, Пејрагуд и Ојтакам, пред хронометарот долг 40 км во претпоследната етапа, по што ќе следува традиционалниот завршен ден на Елисејските Полиња. – Го имате она најдоброто што може да го понуди Тур де Франс – изјави Тиери Гувено, „дизајнерот“ на патеката долга 3.328 км. Словенецот Тадеј Погачар победи во минатите две изданија на Тур де Франс и ќе биде фаворит за освојување на третата „жолта маичка“ в година. – Тоа е многу добра траса, интересна од првата до последната етапа. Чувствувам малку поголем притисок затоа што веќе победував – изјави Погачар на промоцијата на трасата во Париз. На пригодната свеченост во Париз присуствуваше и Британецот Марк Кевендиш, кој на годинашната трка го израмни рекордот на Еди Меркс од 34 етапни победи.
Comments