Трпчески ќе настапи со легендарниот Максим Венгеров во Белгија
Нашиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, на 28 јули ќе настапи на фестивалот „Музика Мунди“ крај Брисел во Белгија, заедно со легендарниот Максим Венгеров, кој се смета за еден од најголемите виолинисти на сите времиња. На програмата се „жешки“’ камерни дела од Моцарт, Франк, Прокофјев и Равел.
„Нашето пријателство датира веќе неколку години. Уште пред 20 години нашиот заеднички продуцент од ЕМИ Класикс, Џон Фрејзер, ни зборуваше на двајцата посебно дека еден ден треба да се споиме на сцена, аналогно на нашите музички темпераменти и менталитети. По толку долго време, на наша лична иницијатива спонтано доаѓа до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во нашата професија, бидејќи се работи за човек што има создадено историја на многу млади години и остава длабока неизбришлива трага во историјата на интерпретативната уметност. Многу се радувам!“ – вели Трпчески, додавајќи дека во наредната концертна сезона оваа соработка се очекува да продолжи на буквално најпрестижните светски концертни сцени.
Периодов тој имаше богат концертен распоред што од крајот на мај до средината на овој месец опфати настапи во Стразбур, Софија, Санкт Петерсбург, Овиедо, Букурешт, Ливерпул, Монпелје и Кишињев.
Трите концерти со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар на нивната матична сцена имаа повеќе емотивни нагласки. Освен што беа прв постпандемиски настап на миленикот на британската публика во Обединетото Кралство од стартот на пандемијата, уште повеќе што значеа заокружување на соработката на „тимот од соништата“, како што англиските медиуми ги нарекуваат Трпчески, диригентот Васили Петренко и овој оркестар.
Имено, со овие настапи Петренко го заврши 15-годишниот професионален предизвик како шеф-диригент на ливерпулскиот оркестар, појаснува Трпчески за Македонското радио: „Беше чест да се биде солист токму на овие концерти бидејќи ние заеднички делиме многу, многу спомени и професионални успеси, не само на концерти туку и на наградуваните звучни записи. Беа планирани два, па поради голем интерес, се додаде и трет концерт и добивме и стоечки овации и многу, многу интензивни емоции. Петренко продолжува во Лондон како нов шеф-диригент на Кралскиот филхармониски оркестар, а веќе следната година не’ чека нова соработка таму. “
Од септември Трпчески е резидентен артист на Фестивалот во Марибор, Словенија, каде што ќе одржи дури четири концерти, меѓу кои е и вечерта со МАКЕДОНИСИМО.
Comments