Трпчески – Венгеров настапија во Париз и ја одушевија француската публика
Нашиот реномиран пијанист Симон Трпчески ја заокружи мини-турнејата што опфати настапи со една од најголемите музички ѕвезди, легендарниот виолинист Максим Венгеров на најпрестижните светски музички сцени. По исклучителните концерти во лондонската сала „Барбикан“ и њујоршката „Карнеги хол“, синоќа двајцата уметници ја одушевија и француската публика на концертот во салата на Париската филхармонија, изведувајќи дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел. И овој пат на долготрајните аплаузи и стоечките овации, тандемот Венгеров-Трпчески возврати со 3 изведби на бис.
Инаку, прославениот виолинист Максим Венгеров, добитник и на наградата „Греми“, ја истакна извонредната соработка со македонскииот пијанист Симон Трпчески: „Одамна се знаеме со Симон и сме прекрасни пријатели од почеток. Со некои луѓе веднаш се воспоставува хемија и ова е таков случај. Долго време се надевавме дека ќе работиме заедно и еве се случија минатогодишниот настап во Белгија и оваа прекрасна мини тура концерти во Лондон, Њујорк и Париз. Ми беше позната комплетната работа на Симон и во него препознав многу сензитивен партнер. Навистина се надевам дека ќе свириме и во иднина, дека можеби ќе успееме нешто заеднички да снимиме, а и повторно би сакал да дојдам во неговата родна Македонија“, рече Венгеров.
Трпчески, пак, возврати на честа да ја дели сцената со еден од најдобрите виолинисти на сите времиња. „Оваа година навистина не можеше да почне поубаво. Ова е доказ дека соништата се остваруваат: на најпрестижните сцени настапив со Максим Венгеров. Чест е да се настапи со него. Освен 40-годишната кариера, тука се и неговата едноставност и големо срце што исто се чувствува на сцена во неговата исклучителна интерпретација на музиката. Се радувам што нашата искреност и фантастичното поврзување на сцената толку убаво беа препознати и од публиката“, изјави Трпчески, кого наредниот месец го очекуваат гостувања во Германија и Ерменија.
Comments