Трпаноски: Настан што дефинитивно ја враќа Македонија на европската џудо-мапа
ВИКЕНДОВ МАКЕДОНИЈА ДОМАЌИН НА ЕВРОПСКИОТ ЏУДО-КУП ВО ЈУНИОРСКА КОНКУРЕНЦИЈА
Викендов во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе се одржи Европскиот џудо-куп за јуниори и јуниорки „Скопје 2023“, прв што е организиран во Македонија. Од Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) информираат дека се завршени сите технички подготовки и дека со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на натпреварувачите и делегациите од европските држави. – По неколкумесечна напорна работа, конечно сме подготвени за почетокот на Европскиот џудо-куп за јуниори и јуниорки, настан што дефинитивно ја враќа Македонија на европската џудо-мапа. Балканското првенство, кое во јуни се одржа во Крушево, беше тест за нашите можности, кои ќе ги верификуваме и на овој голем спортски настан за македонски услови. Очекуваме повеќе од 200 џудисти од цела Европа, кои на македонската публика, но и на вљубениците во џудото од целиот регион ќе им понудат одлични борби. Особено нѐ радува фактот што помеѓу овие 200 натпреварувачи имаме 15 македонски репрезентативци – вели претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски. Во согласност со предвидениот план, официјалното мерење и ждрепката се закажани в петок, а прелиминарните борби следниот ден во 10 часот. Свеченото отворање е во 17 часот в сабота, а по него ќе следува финалниот блок борби, кој и ќе ги даде имињата на првите шампиони. Борбите ќе продолжат и в недела од 10 часот, а сите ќе се одвиваат во СЦ „Јане Сандански“. – Во интерес на промоција и популаризација на џудо-спортот, влезот за сите натпревари во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде бесплатен. Од мое лично име, но и од името на целата федерација, сакам да упатам јавна покана до сите вљубеници во џудото, но и во спортот воопшто, да ни се придружат на трибините и да уживаат во дводневниот џудо-спектакл, кој ќе ни го понудат најдобрите европски јуниори и јуниорки – додава Трпаноски. Македонската репрезентација во скопје ќе ја предводат селекторот за јуниори Александар Фузевски и селекторот за кадети Дејан Мицкоски. – Македонскиот состав денеска треба да пристигне во Скопје, каде што ќе одржи тридневни завршни подготовки, претежно базирани на техничко-тактички план, но и за аклиматизација во градот и спортската сала. Дел од репрезентативците се од кадетската селекција (прва возрасна категорија помлади), но според пропозициите имаат право на настап, па затоа им даваме шанса за собирање искуство на еден ваков престижен настан – вели Мицкоски. Г.И.
Европски џудо-камп
Најдобрите европски џудисти/ки во јуниорска конкуренција ќе го продолжат престојот во Скопје и во првите два дена (понеделник и вторник) по завршувањето на Европскиот џудо-куп, за кога е закажан да се одржи и европскиот џудо-камп во истата конкуренција.
Македонија – состав
ЈУНИОРИ Игнат Петров (до 60 кг) Сергеј Димитриоски (до 60 кг) Никола Магдески (до 66 кг) Андреј Симоноски (до 73 кг) Георгиј Магдески (до 73 кг) Христијан Глигороски (до 81 кг) Владимир Милчиноски (до 100 кг)
ЈУНИОРКИ Анамарија Стојмилоска (до 48 кг) Теа Настоска (до 48 кг) Георгина Блажевска (до 48 кг) Азра Заими (до 52 кг) Ива Богдановска (до 57 кг) Лилјана Недановска (до 63 кг) Христина Мантароска (до 63 кг) Катерина Ацевска (над 78 кг)
Commentaires