top of page

Тротинети ќе смеат да управуваат само постари од 18 години и со брзина од 20 км на час

24,06.2026 Juni Sreda

Електричните тротинети во иднина би можеле да бидат предмет на значително построги правила во сообраќајот, откако Владата предложи измени на Законот за безбедност во сообраќајот со кои се ограничува максималната брзина и се заострува казнената политика.

Предлог-измените, кои се најдоа на дневен ред на денешната пленарна седница во Собранието, предвидуваат електрични тротинети да можат да управуваат само лица постари од 18 години, а максималната дозволена брзина да биде ограничена на 20 километри на час.

Дополнително, покрај предвидените парични казни, се предлага и привремено одземање на електричниот тротинет во траење од 30 дена.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и еден од предлагачите на измените, Никола Мицевски, истакна дека потребата од вакви измени произлегува од анализите кои покажале загрижувачки број на сообраќајни незгоди во кои учествувале лица што управувале со електрични тротинети.

„Се врши интервенција на брзината, односно максималната брзина да биде до 20 километри на час со цел намалување на прекршоците со електрични тротинети. Се зголемува и старосната граница, односно минималната возраст за управување ќе биде 18 години. Старосната граница се зголемува бидејќи во повеќе од половина од несреќите со тротинети тие биле управувани од лица на возраст од 16 и 17 години“, рече Мицевски.

Тој додаде дека во изминатите две и пол години во сообраќајни незгоди учествувале околу 2.000 лица, при што 46 лица го загубиле животот, а 556 се здобиле со тешки телесни повреди.

Мицевски посочи дека иако предложените мерки се ригорозни, тие оставаат простор за идни измени и дополнувања, а предложи законските измени да бидат донесени по скратена постапка.


 
 
 

Comments


bottom of page