top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Триумфи на Велкоски и на Стојанов

ШАХ – АМАТЕРСКИ ОТВОРЕНИ ТУРНИРИ „БЛАЖЕ КОНЕСКИ“

Македонскиот шахист Стојан Велкоски (1.798, рејтинг-поени) и Бугаринот Стојан Стојанов (2.040) се победници на аматерските отворени шаховски турнири „Блаже Конески“, кои во чест на првиот претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија (ШСМ), Блаже Конески, се одржаа во Скопје. Се играа седум кола со темпо од 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег по играч. Во услови на пандемија на двата турнира, кои претставуваа спој на младоста и на искуството, настапија вкупно 108 шахисти. На Б-турнирот, на кој играа 67 шахисти со рејтинг до 1.800 поени, од Македонија, Бугарија и од Косово, победникот Велкоски (16) освои 6,5 поени, втор беше Бугаринот Љубомир Иванов (рејтинг 1.790) со шест, а трет Благој Смилевски со 5,5 поени. Настапија и пет шахистки, а најуспешна беше Моника Жежовска (рејтинг 1.357), која со пет поени го освои шестото место. На А-турнирот, на кој настапија 41 шахист (четворица ФИДЕ-мајстори, ФМ) од Македонија, Србија и од Бугарија, со рејтинг до 2.200 поени, Стојанов освои седум поени, втор беше неговиот сонародник Радислав Атанасов (рејтинг 2.072) со пет поени, а трет ФМ Роберт Велески (2.111), исто така, со пет поени, но послаб дополнителен критериум. Учествуваа и три шахистки, а најуспешна беше македонската репрезентативка Сања Трајковска (рејтинг 1.962), која со три поени го освои 24-то место. Ист број поени имаше и репрезентативката Драгана Николовска (рејтинг 1.881), на 25-то место. Наградите на најуспешните им ги предаде претседателот на Шаховскиот сојуз на Скопје (ШСС), Ѓорѓи Миновски.


1 view

Comments


bottom of page