Три турнири за две места во трката за светски првак
Првиот од трите турнири на гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2022 година почна попладнево во Берлин, и ќе трае до 17 февруари. Турнирите ќе се играат и во Белград (во април) и уште еднаш во Берлин. Ќе настапат 24 велемајстори, кои ќе играат на два од три турнири. Првите двајца од оваа серија турнири ќе бидат и последните шахисти што ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, кој ќе се одржи во јуни во Мадрид. Победникот на тој турнир ќе го предизвика светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен во меечот за титулата во 2023 година.
– Официјално ја отвораме гранпри-серијата на ФИДЕ 2022 година, организирана од Светскиот шах. Серијата почнува во Берлин, град познат по својата силна шаховска култура. Се надеваме дека промените во форматот ќе ги направат партите уште повозбудливи за сите љубители на шахот – рече претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Овој иновативен пристап е нов за шаховскиот свет, но многу сличен на Суперлигата, односно во првата фаза има четири групи со по четири шахисти, а победникот од секоја група оди во полуфиналето. Досега пласман на Турнирот на кандидатите обезбедија Русинот Јан Непомнијашчи, Азербејџанецот Тимур Раџабов, Полјакот Јан Кшиштоф-Дуда, Русинот Сергеј Карјакин, Французинот Алиреза Фирузја и Американецот Фабијано Каруана.
Учесници на првиот турнир се Александар Гришчук, Хикару Накамура, Андреј Есипенко, Етјен Бакро (група А), Радослав Војташек, Ричард Рапорт, Владимир Федосеев, Григориј Опарин (група Б), Левон Аронијан, Видит Гујрати, Даниил Дубов, Винсент Кејмер (група Ц), Весли Со, Лениер Домингез, Пентала Харикришна и Алексеј Широв (група Д). Г.И.
Comments