top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Три трофеи сезонава за Никола Ѓоргиев

ОДБОЈКА

Извонредна сезона за капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев во тимот на АЦХ Љубљана. По освоениот Куп на Словенија и по триумфот во Регионалната лига МЕВЗА, тој со АЦХ Љубљана се закити и со титулата првак на Словенија, 18-та во клупската историја, и тоа на феноменален начин. АЦХ Љубљана не претрпе ниту еден пораз во домашната конкуренција, односно загуби само еден од 56-те меча сезонава (во Челенџ-купот) во сите натпреварувања. Во финалната серија од плејофот, АЦХ Љубљана ги доби трите меча со Калцит волеј од Камник, а еден од најдобрите беше токму Ѓоргиев (33). Тој беше прогласен за најкорисен играч (МВП), во првата сезона ја носеше и капитенската лента, а неодамна го продолжи договорот со тимот од главниот град на Словенија, до 2024 година. На Ѓоргиев, кој игра на позицијата коректор, АЦХ Љубљана му е 11-ти клуб во кариерата. Претходно настапуваше за повеќе европски гиганти, меѓу кои Париз волеј, Фридрихсхафен и Инегол, а играше и во Јапонија, каде што со Торај ероус ја освои шампионската титула во сезоната 2016/2017. – Презадоволен сум, имавме одлична трофејна сезона во АЦХ Љубљана. Среќен сум и што нашата соработка продолжува, бидејќи ова е еден од најдоброорганизираните клубови за кои сум настапувал. Сѐ функционира на најдобар можен начин, амбициите ни се големи, следната година ќе играме во Лигата на шампионите, ќе имаме и нов тренер, веројатно ќе се засилиме со нови играчи, ќе биде интересно во секој поглед – вели Ѓоргиев. Македонската одбојкарска репрезентација годинава повторно ја очекува настап во Европската „сребрена“ лига, кон крајот на мај и во почетокот на јуни, со финален турнир што треба да се игра во Унгарија. Македонија е во групата Б со Романија, БиХ и со Албанија. Собирот е закажан за 4 мај, а првиот дел од подготовките треба да се одвива во Маврово. Планирани се и две контролни средби со Бугарија, во Софија, кои деновиве треба да бидат потврдени, информираат од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). – Тоа е единственото репрезентативно натпреварување годинава за нас и продолжуваме таму каде што застанавме лани. Очекувам повторно пласман на завршниот турнир и се надевам дека од „вечно“ втори, четири пати, конечно ќе победиме. Имаме искусен состав, се надевам дека ќе бидеме комплетни, имаме и нов селектор, некои работи ќе се сменат, верувам во позитивна насока, се надевам дека со малку среќа ќе можеме да стигнеме до трофејот – вели Ѓоргиев.


2 views

Comments


bottom of page