Три снежни леопарди починаа од ковид-19
Updated: Nov 18, 2021
17.11.2021 Noemvri Sreda
Во зоолошката градина „Линколн“ во Небраска, три снежни леопарди починаа од компликации предизвикани од ковид-19, соопштија претставници на зоолошката градина, а пренесе Си-ен-ен. – Нашите леопарди, Рени, Еверест и Макалу, беа сакани од целата наша заедница внатре и надвор од зоолошката градина. Оваа загуба е навистина потресна и сите заедно тагуваме – велат претставниците на зоолошката градина „Линколн“. Снежните леопарди потекнуваат од планинските области во Централна Азија и се сметаат за загрозен вид, според Светскиот фонд за дивиот свет. Минатиот месец, зоолошката градина соопшти дека леопардите и два суматрански тигри биле позитивни на ковид-тестот, откако покажале симптоми карактеристични за вирусот. Животните биле третирани со стероиди и антибиотици за да се спречат секундарни инфекции.
– Суматранските тигри, Аксл и Кумар, целосно закрепнаа од болеста – известуваат од зоолошката градина. Според центрите за контрола и превенција на болести, ковид-19 е откриен кај голем број цицачи, вклучувајќи големи мачки, примати, творови и куни. – Зоолошката градина останува отворена и продолжува да ги презема сите мерки на претпазливост за да се спречи ширењето на болеста кај луѓето и животните. Ќе продолжиме да ги следиме упатствата на Американското здружение за ветеринарство во зоолошката градина, за да ја обезбедиме безбедноста на нашите животни, персоналот и заедницата – се вели во соопштението од зоолошката во Небраска. Досега еден снежен леопард во зоолошката градина во Сан Диего бил позитивен во јули, а три снежни леопарди во зоолошката градина во Луисвил се заразиле минатиот декември.
Comentários