Три пати го соборуваше својот и државниот рекорд: Андреас Трајковски блесна во Хетинген!
Андреас Трајковски се претстави во одлично светло на атлетските митинзи во Германија, при што најпрво во саботата во Штутгарт победи со скок од 7,67 метри, додека пак во неделата во Инеринген Хетинген три пати го соборуваше државниот рекорд (7, 79 метри, во негова сопственост) и на крајот прескокна 7,91 метри (+1,9 м/с), што претставува негов најдобар резултат во кариерата.
Претходниот државен рекорд беше поставен на 24 мај оваа година.
Андреас имаше одлична серија на скокови, натпреварувањето го започна со 7,71 метри, во втората серија имаше неуспешен обид, додека во третата и четвртата серија следуваа скокови од 7,81 и 7,86 метри. Во петтата серија имаше скок од 7,53 метри и во последната серија прескокна 7,91 метри.
Овој резултат на Андреас му донесе 1118 бодови според табелата на Светската федерација за атлетика и ќе му овозможи нов скок на светската и европската ранг листа. Во овој момент, Андреас е 22-ри на европската ранг листа и 70-ти на светската ранг листа во дисциплината скок во далечина.
– Многу сум среќен, немам зборови. Тренирав навистина напорно оваа сезона и мојата напорна работа се исплатеше. Скокот 7,91 метри е одличен резултат, иако тоа не беше совршен скок. Да имав совршен скок и добар одраз од даската за скокање ќе беше над 8 метри. Нормата за учество на Европското првенство во атлетика е 8 метри и наскоро треба да ми биде на дофат! Верувам во себе и со напорна работа ќе се оствари,- изјави Андреас Трајковски после натпреварот во Хетинген.
Одличните настапи покажуваат дека Андреас се наоѓа во одлична форма што ги подгрејува надежите дека ќе успее да се квалификува на Европското првенство во атлетика кое ќе се одржи следната година во Рим.
Comments