Три концерти викендов на „Скопско лето“
Во рамки на 43. издание на „Скопско лето“, викендов, ќе се одржат три музички настани, и тоа концерт за деца, на триото „Нови Сад“, како и на пијанистката Туту Ајдиноглу од Турција.
Притоа, во сабота (2 јули) во 11 часот во „Сули-ан“ ќе се одржи концертот на класична музика за деца насловен „Самовилска музика“, а во изведба на „Триангл пулс“. Идејниот концепт, сценариото и режијата е на Десанка Глигоријевиќ, а ќе настапат Сихана Јакупи – на хорнa и Андреј Наунов на пијанo; двајцата како модератори, потоа Јане Дунимаглоски на труба, мандолина и како оперски пејач.
Истата вечер, (2 јули), во 20:30 часот во Музејот на македонската борба на пијано ќе настапи Туту Ајдиноглу од Турција. Ајдиноглу, која започнува да свири пијано на 6-годишна возраст, е академик и пијанистка на Државниот конзерваториум на Универзитетот во Истанбул.
На 3 јули, пак, од 20:30часот во Музејот на македонската борба ќе се одржи концерт на триото „Нови Сад“ од Србија. Новосадската тројка е составена од истакнатите уметници Ксенија Мијатовиќ Кором (флејта), Вероника Антуновиќ Мариќ (обоа) и Слободанка Стевиќ (пијано). Заедничката љубов кон камерната музика ги поттикнува да го формираат овој камерен состав во 2013 година, а оттогаш одржуваат концерти во Србија, но и во странство.
Comments