Три европски тима останаа во трката за глобалниот трофеј
Три европски екипи и една од Јужна Америка играат за пласман во големото финале на 14-то издание на турнирот Суперглоуб (со учество на 10 екипи), кое годинава се игра во Саудиска Арабија и кое се смета за неофицијално Светско клупско првенство во ракомет.
Во полуфиналето се победникот на првото издание на Лигата на Европа, германски Магдебург, европскиот вицепрвак Алборг од Данска, европскиот шампион Барселона од Шпанија и јужноамериканскиот првак Пињеирос од Бразил, кој го обезбеди својот најдобар резултат досега во ова натпреварување, надминувајќи го петтото место на двете претходни учества, во 2011 и во 2017 година. Полуфиналните двојки се Барселона – Пињеирос и Магдебург – Алборг. Финалето е закажано за во сабота.
Ова клупско натпреварување, кое е под капата на Интернационалната ракометна федерација (ИХФ), се одржува од 1997 година. Најтрофејна екипа е актуелниот европски првак, Барселона, која досега пет пати триумфира на Суперглоуб, а од 2017 година трипати во низа (минатата година поради ковид-19 не се одржа). Г.И.
Comments