Три автентични женски автори за крај на деветтиот „Букстар“
Со слем-натпревар на дел од авторите учесници на фестивалот на европска литература, во киното „Фросина“ во МКЦ, заврши деветтото издание на фестивалот „Букстар“. Во истата сала претходно се одржаа последните два настапа, на првиот, насловен „Во средиштето на животот“, разговорот со авторките Луцие Фаулерова (Чешка) и Ања Мугерли (Словенија) го модерираа Александар Маџаровски и Ана Голејшка Џикова.
Ања Мугерли (1984) е словенечка авторка, лекторка и уредничка. Во 2021 година за збирката раскази „Пчелно семејство“ ја добила Наградата за литература на Европската Унија. Оваа книга, преведена на македонски во издание на „Антолог“, беше тема на разговорот. Секој расказ застапува одреден обред или обичај од словенечката традиција.
– Сакав да создадам мистична атмосфера низ збирката, затоа што и народните ритуали и обичаи се обвиткани со една магија. Се сеќавам дека кога бев мала ме обвиваше страв од тие приказни и чудни суштества што се провлекуваат низ словенечката традиција. Книгата на некој начин е ослободување од тој страв – рече Мугерли.
На сцената заедно со Ања беше и чешката писателка Луцие Фаулерова (1989), која во 2020 година го објавила романот „Девојката Смрт“, роман-студија за самоубиствата.
– Во текот на пишувањето на романот правев истражувања на повеќе бизарни случаи на самоубиства и на некој начин станав опседната со оваа тема. Иако во Чешка има многу групи за поддршка на луѓето што изгубиле некој близок, сепак не најдов таква што им помага на луѓето што изгубиле некој свој што извршил самоубиство. Ме интересираше како тагуваат тие луѓе, открив дека начинот е различен, во сето тоа секогаш има и по малку гнев и лутина. Јас не сум социолог, јас сум писател, но мислам дека е во ред да се отвори оваа тема и во книжевноста – рече Луцие.
Следниот разговор во рамките на програмата помина во многу поведар тон, за тоа беше заслужна писателката Софи Хана (Обединетото Кралство), која е вистинска ѕвезда на светската книжевна сцена. Таа е бестселер-авторка на „Сандеј тајмс“ и на „Њујорк тајмс“ со милиони продадени примероци низ светот. Aвторка е на новата серија романи продолженија со Херкул Поаро, нарачани од семејството на Агата Кристи, кои досега се вкупно пет, сите објавени од „Антолог“.
– Јас сум голема обожавателка на Агата Кристи. Имам прочитано сѐ од неа, некои книги и повеќепати. Кога семејството виде со колкава страст зборувам за нејзиното творештво се согласи да го продолжам серијалот. Имаше само еден проблем, Поаро умира во последната книга на Кристи, така што ми дојде како идеја дека моите книги можам да ги сместам во периодот од 1929 до 1932 година кога таа не пишувала, има една пауза во тој период. Но бидејќи не знаев ништо од историја, ми беше тешко да се вратам во тоа време, па ги препрочитав сите нејзини книги од тој период со цел да ја доловам таа атмосфера. Исто така многу пребарував на интернет, на пример, какво бренди се пиело во тоа време, дали и кога била направена првата трансплантација на бубрег, што ми беше потребно за еден од ликовите и сл. Се плашев дали ќе успеам да звучам како полицаец од 1929 година! Но откако некои луѓе го прочитаа тоа што го напишав и рекоа дека е одлично, се охрабрив – рече Софи Хана.
Во тек е снимањето и на нејзиниот мјузикл со убиства „Мистеријата на господинот Е“, напишан заедно со нејзината пријателка и композиторка Анет Армитаж. Премиерата на филмот е закажана за декември 2023 година. В.Д.
Comments