top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Трет триумф на Вархолм, сопрен Ингебригтсен, поделба на злато…

НОВИ ВОЗБУДЛИВИ ФИНАЛИЊА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА

Вархолм и понатаму е ненадминат на 400 метри со пречки. По серија победи, пораз на Ингебригтсен на 1.500 метри. Во скок со стап две атлетичарки ја освоија титулата. Доминиканката Паулина победи на 400 метри

Зоран Михајлов, специјално од Будимпешта, за „Нова Македонија“

Норвежанецот Карстен Вархолм, во последната дисциплина од програмата на петтиот ден на Светското првенство (СП) во атлетика, во Будимпешта, во една извонредна, но и напорна трка на 400 метри со пречки третпат во низа го освои златниот медал. Кога на ова ќе се додаде и олимпиското злато од Токио, тогаш станува јасно за каков атлетски ас станува збор. Меѓутоа, во оваа трка се чини му беше најтешко. Во финишот, за разлика од минатите трки, за да дојде до победата ги извлекуваше последните сили, дури се забележуваше и грч на неговото лице. Вархолм очигледно добива една плејада противници, но и покрај паузата што ја имаше поради повреда, светскиот рекордер и понатаму е неприкосновен. Кајрон Мекмастер од Брегот на Слоновата Коска дојде до среброто, а трет беше Американецот Реј Бенџамин.

По еден подолг период и многу победи, Јакоб Ингебригтсен претрпе пораз на 1.500 метри. Но мора веднаш да кажеме оти Ингебригтсен загуби од ни малку наивен противник. Британецот Џош Кер, кој одамна ја чекаше шансата, во Будимпешта направи да гледаме возбудлива трка со неизвесна завршница. Веќе бевме навикнати на стилот и на тактиката на Ингебригтсен, кој беше толку супериорен што никој не се сомневаше во неговите победи дури и ако на 500 м пред целта да беше на последната позиција, тој во неверојатен спринт како брз воз ги поминуваше противниците и победуваше. Но тука „налета“ на еден атлетичар, кој веројатно подолго време ја кроеше тактиката како да го симне од пиедесталот Норвежанецот. Драмата почна на 300 м пред целта, кога Кер го изведе првиот напад, веќе во наредните метри направи нов обид, за на 200 м пред целта да се види дека сериозно размислува на победа. Норвежанецот како да беше изненаден, зашто ретко му се случуваше во завршниците некој да му се „залепи“, а тој да не може да го „откачи“. Кер во завршницата беше толку силен, така што Ингебригстен беше комплетно разоружан и беспомошно гледаше како во последната стотка од трката Британецот ита кон првото место.

По многу години, овој тркач ги врати надежите на Британците и нѐ потсети на времето на Стив Овет и на сегашниот прв човек на Светската атлетика Себастијан Коу, кои од крајот на 70-тите и во текот на 80-тите години на минатиот век беа неприкосновени на средните патеки. Кер во олимпиското финале во Токио, кога беше трет, покажа дека има капацитет за големи подвизи. За утеха на Норвежаните нивниот млад ас Нарве Гајле Нордос беше трет.

Финалето во скок со стап беше неизвесно, по што две атлетичарки го делат првото место. Во текот на целиот натпревар Австралијката Нина Кенеди и Американката Кети Мун се следеа и на крајот со резултат од 4,9 метри го поделија првото место, а трета беше Вилма Мурто од Финска со 4,8 м. На 400 м триумфира доминиканската атлетичарка Мерилејди Паулина. Победничката уште по првите 200 метри беше решена, но прашање беше која ќе биде втора. Во таа израмнета борба за среброто, сепак, во финишот повеќе сили имаше Наталија Качмарек од Полска, а трета е Сеида Вилијамс од САД.


2 views

Comments


bottom of page