„Тренингот е најважниот дел од градењето на спортистот“
27.05.2024 Maj Ponedelnik
ШАХ – АНТОН ЗЛАТКОВ, ВИЦЕПРВАК НА МАКЕДОНИЈА И ОД НЕОДАМНА СО ТИТУЛАТА ФИДЕ-МАЈСТОР
Талентираниот 16-годишен шахист од Скопје, член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Антон Златков е најновиот македонски ФИДЕ-мајстор (ФМ). Тој го оствари тоа на Отвореното првенство на Македонија за 2024 година, каде што беше вицешампион. Роден во 2007 година во Скопје, ученикот во втора година во ПСУ „Јахја Кемал“, кому омилена фигура му е ловецот, плени со своите досегашни импресивни резултати. Тој е осумкратен младински првак на Макeдонија во низа во стандарден шах, од кои двапати до 10, двапати до 12, двапати до 14 и двапати до 16 години. Тој е официјален државен младински првак во забрзан шах до 18 години и повеќекратен младински првак на Скопје, четврти на Отворено сениорско првенство на Македонија 2023. На Европското првенство (ЕП) за младинци до 16 години во Анталија 2022 беше 18-ти. Златков е повеќекратен победник на младински турнири одиграни во Македонија, Бугарија, Грција и во Србија.
Што претставува за Вас вицешампионското место на Отвореното првенство на Македонија и дали го очекувавте овој пласман?– Овој пласман за мене е најголемиот успех во досегашната кариера, но и голем поттик за понатамошен развој, со цел еден ден да станам сениорски првак на Македонија. Со оглед на тоа дека лани бев четврти, како и со трудот што го вложив во подготвителниот период за ова првенство, очекував пласман на пиедесталот, односно меѓу првите три места, што всушност и го остварив.Против кого беше најтешко и која Ваша партија посебно би ја издвоиле?– Најтешка партија на првенството ми беше во последното коло против ИМ Тони Лазов.Таа беше долга и напорна, исполнета со голема и тешка борба, која на крајот, за жал, ја изгубив. Тежината на партијата беше дотолку поголема поради нејзината важност, оти со победа или реми ќе бев шампион на Македонија. Еднакво ги вреднувам и победите против ФМ Дејан Динев, Филип Михов, ИМ Емил Ристески и ФМ Андреј Велјаноски. Сепак, од овие четири партии, би ја издвоил како најзначајна победата против Ристески. Од другите познати имиња со кои сум играл досега би ги потенцирал победата против ВМ Василиос Котрониас на ИМ-турнирот во Пожаревац 2024 и ремито против ВМ Едуардас Розенталис на Европскиот клупски куп во Струга 2021.Кога може да ја очекуваме титулата интернационален мајстор?– Со ФМ-титулата се стекнав по победата во претпоследното коло од Првенството на Македонија против ФМ Андреј Велјаноски, пробивајќи ја бариерата од 2.300 рејтинг-поени, колку што е потребно за неа. Реално е да се очекува да ја освојам титулата ИМ во рок од околу две години. Меѓутоа ќе дадам сѐ од себе тоа да се случи и порано. Доколку добро се испланираат турнирите на кои би настапил во наредниот период, со исклучителен труд и залагање, како и со добра подготовка и темпирање на формата, можно е таа цел да биде остварена и до крајот на следната година.Кога почнавте да другарувате со фигурите и кој беше „виновникот“?– Мојот татко Димитар уште на моја најрана возраст ги забележал кај мене талентот и умешноста за исклучително успешно и брзо решавање на проблемите на логичките и мемориски игри и веднаш се сетил да ја насочи таа моја вештина кон шаховската игра. Така, уште од пет-шестгодишна возраст се дружам со „црно-белите“ фигури. Во почетокот противници ми беа татко ми и дедо ми. На седум години веќе почнав активно да тренирам во ШК Гамбит Асеко СЕЕ. Тренерите и стручниот тим на овој клуб секако би ги посочил како најголеми „виновници“ за навлегувањето во тајните на древната игра.
Членувате во Гамбит Асеко СЕЕ. Какви се условите за тренинг таму?– Огромен удел во успехот на мојата досегашна шаховска кариера имаат ШК Гамбит Асеко СЕЕ и стручниот тим што раководи со него, а тоа се ИМ Орце Данчевски, ФМ Љубиша Андоновски, ИМ Марјан Митков и ФМ Зоран Стојчевски. Тренинзите се одржуваат во приватното училиште „Јахја Кемал“, кое исто така има голем придонес во развојот на младинскиот шах во Македонија и им овозможува фантастични услови на младите со примена на најсовремени методи и техники за тренинг. Во клубот владеат хармонична атмосфера и тимски дух. Од школата на овој клуб постојано никнуваат нови млади генерации на шахисти што се најуспешни на младинската сцена во Македонија, а постигнуваат значителни успеси и на меѓународни турнири.На Вашата игра и успех не остана имун ниту селекторот на сениорската репрезентација на Македонија.– Веднаш по завршувањето на Првенството на Македонија, селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, ИМ Атанас Кизов, официјално ме повика да настапам за Македонија на Шаховска олимпијада во Будимпешта во септември годинава. Со огромно задоволство ја прифатив поканата. Тоа за мене претставува голема чест, но и уште поголема обврска. Можам да ветам максимално залагање и убеден сум во успешен настап за Македонија.Каков шах повеќе посакувате, со стандардно, забрзано или брзо темпо и дали треба да се менува нешто на тој план или во самите турнири?– Сите темпа на шахот ги практикувам и сметам дека сите тие имаат свои особености. Брзото темпо најчесто го применувам при онлајн тренинг-партии за стекнување искуство во делот на отворањата. Забрзаното темпо е погодно за темпирање на формата, особено во зимскиот период, кога нема избор на турнири со стандардно темпо. Сепак, предност им давам на настапите на турнири со стандардно темпо, оти овој формат им дава предност на креативноста и длабочината на пресметките на варијанти во шахот. Оттаму, сметам дека не треба нешто посебно да се менува, што се однесува на организацијата на турнирите во зависност од темпото на игра и дека стандардното темпо треба да остане како најформална временска контрола.Како се одвива тренажниот процес на еден шахист?– Тренингот е најважниот дел од градењето на спортистот. Исто како и во другите спортови така и во шахот, без квалитетен тренер и тренажен процес, нема шанси да се постигне успех. На дневна основа тренингот треба да се состои од повеќечасовна комбинирана работа со шаховска литература, компјутерски програми, анализа на сопствени партии и на партии одиграни помеѓу врвни велемајстори, како и играње на тренинг-партии. На почетокот на мојот шаховски пат големо влијание имаше ИМ Орце Данчевски, а веќе околу една година работам со ФМ Љубиша Андоновски. Врз развојот на мојата игра, траги оставиле српскиот ВМ Бранко Тадиќ и бугарскиот ВМ Петар Арнаудов. Но најважно од сѐ за напредокот на еден шахист се индивидуалната работа, самоиницијативноста и дисциплината во тренажниот процес.Која е Вашата крајна цел во шахот?– Да станам велемајстор. Професионалниот ангажман во шахот во денешно време е тежок, но не и невозможен. Отсекогаш сум бил поборник на мултиталентираноста. Верувам дека човек може да се занимава со повеќе професии, како на пример во исто време да биде успешен инженер и шахист или успешен доктор и шахист. Со добра организација, голема желба, упорност и посветеност, може сѐ да се постигне. За таа цел очекувам голема поддршка од моето потесно семејство. Без подршката и мотивацијата во секоја смисла што ги добивам од мајка ми Милица, татко ми Димитар и сестра ми Ана, не би имал шанси да го постигнам сегашниот успех. Големо благодарам до нив.
Шаховски универзалец
Златков е шахист со постојан напредок, кој игра универзално добро како во одбрана, така и во напад, што е несвојствено за негова возраст во македонски рамки. Техниката, реализацијата на предноста, завршниците му се перфектни. И што е мошне битно, многу е стабилен и борбен, не се плаши од никого, ниту, пак, калкулира на таблата. Сметам дека на претстојната ШО добро ќе се претстави, а Македонија ќе има полза од него, дециден е ФМ Љубиша Андоновски.Свој коментар за Златков има и ИМ Орце Данчевски.– Златков од самиот почеток на осум години ме плени со неговата смиреност, посветеност и пред сѐ исполнителност. Успешно умееше да ги владеe своите емоции и веднаш го засака шахот. Негува пред сѐ јак позициски стил и доколку противникот му дозволи, брзо оди во напад. Но, многу троши време за размислување и често е во цајтнот. Во последно време ја подобрува оваа слабост, што резултираше со скок од 150 поени на светската рејтинг-листа и освојување на титулата ФМ. Доколу продолжи со ова темпо на играње и ги засили тренинзите, очекувам брзо да дојде и до титулата ИМ. Ако за две години освои ИМ, со сигурност ќе стане и ВМ. Покрај Ристески и Велјаноски, и Златков спаѓа во најталентираните шаховски тинејџери во Македонија – вели шаховскиот тренер ИМ Орце Данчевски.
Comments